Скопје попладнево е под чад, а причината не е пожар на Водно, туку огнените жаришта во околината на главниот град. Според Центарот за управување со кризи, ветерот го носи чадот од активниот пожар на Китка, на територијата на општините Студеничани и Зелениково, кон Скопје.
На пожарот кај Китка денеска интервенирал и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи. Терeнот е тежок и непристапен, што дополнително го отежнува гаснењето на огнот.
Во исто време, активен пожар има и во општина Сарај, кај селото Бојане, каде што гори шума. Според информациите на ЦУК, пожарот на Жеден од тетовската страна постепено се префрла кон скопската страна, а во неговото гаснење се вклучени и пожарникари од Тетово како поддршка на скопските пожарникари.
До 13 часот денеска на територијата на земјата биле регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор. Од нив, пет биле активни, еден под контрола, а осум биле изгаснати.
Покрај пожарите кај Китка и Бојане, активни жаришта имало и во општина Илинден, кај Логистичкиот центар на КАМ и кај селото Бујковци, каде што горела ниска вегетација. Активен пожар бил регистриран и во општините Студеничани и Зелениково, во пределот од Моране, Вртекица и Рамни Габер кон Палиград и Вражале.
Од ЦУК нагласуваат дека засега нема пријава за пожар на Водно. Зачаденоста што се забележува во повеќе делови од Скопје е поврзана со ветерот кој го пренесува чадот од околните активни пожари.