Постхумно излегува „Фудбал под сенка“, биографската книга за Васил Рингов

На 17 април во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе биде промовирана книгата на Срѓан Ивановиќ посветена на легендарниот фудбалер Васил Рингов, која излегува неколку месеци по неговата смрт.

Биографската книга „Фудбал под сенка“, посветена на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов, ќе биде промовирана на 17 април во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, со почеток во 20 часот.

Книгата е напишана од новинарот Срѓан Ивановиќ, а излегува постхумно, неколку месеци по смртта на Рингов, кој активно учествувал во нејзиното создавање. Промоцијата ќе се одржи токму на денот кога е роден, 17 април.

Изданието, кое го објавува „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе го претстават авторот Срѓан Ивановиќ, уредничката Бисера Бендевска и Марио Рингов, еден од синовите на славниот фудбалер. На настанот ќе зборуваат за процесот на создавање на книгата, но и за животот и наследството на Васил Рингов.

„Фудбал под сенка“ ја раскажува животната и спортската приказна на Рингов во прво лице, нудејќи поглед не само кон неговата фудбалска кариера, туку и кон личните дилеми, ставови и вредности што го обликувале како спортист и како човек. Во воведот на книгата, Рингов порачува дека конечно добил шанса сам да ја раскаже својата приказна, без цензура и без премолчување на работите што му тежеле.

Васил Рингов е едно од најпрепознатливите имиња во македонскиот и југословенскиот фудбал. Роден е на 17 април 1955 година во Струмица, кариерата ја почнал во Беласица, а потоа играл и за Партизан, Тетекс, Динамо Загреб и Ајнтрахт Брауншвајг. Најголема трага остави во Вардар, каде што стана една од клучните фигури во 1980-тите. За клубот одиграл повеќе од 200 натпревари и постигнал 93 гола.

Рингов почина на 23 декември 2025 година во Скопје, на 70-годишна возраст. Со оваа книга, неговата приказна добива нов живот, не само како спомен на голем фудбалер, туку и како лично сведоштво за времето, клубот и луѓето што го обележале.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни