Македонија може да гласа за Македонија: Ана Стојаноска настапува во Малта

Стружанката Ана Стојаноска со песната „Идната јас“ ќе ја претставува Македонија на Детската Евровизија 2026, која ќе се одржи в сабота, на 24 октомври, во Малта.

Македонската претставничка ќе настапи под реден број 12, а публиката ќе има можност бесплатно да гласа за неа, бидејќи правилата дозволуваат гласање и за сопствената земја.

На годинашното издание на Детската Евровизија ќе учествуваат 16 држави, а натпреварот ќе започне во 21 часот по македонско време.

Песната „Идната јас“, со која Ана ќе настапи на големата сцена, е дело на композиторот Никола Мицевски, додека текстот го напиша Илчо Нечовски. Песната носи порака за детските соништа, растењето и надежите за иднината.

Младата пејачка од Струга веќе го привлече вниманието во Малта. При посетата на едно училиште, ученички ја изненадија пеејќи го рефренот на „Идната јас“ на македонски јазик.

„Девојчињата од Малта пееја на македонски јазик и тоа е нешто што никогаш нема да го заборавам“, изјави Ана по средбата.

Како да гласате за Ана?

Онлајн гласањето ќе се одвива преку официјалната страница JESC.TV, а секој гласач треба да избере три песни од 16-те учесници.

Гласањето е бесплатно и се одвива во два круга.

Првиот круг започнува во петок, на 23 октомври, во 23:59 часот и трае до сабота, 24 октомври, во 20:59 часот.

Вториот круг ќе започне по завршувањето на сите натпреварувачки настапи, кога публиката ќе има приближно 15 минути повторно да гласа.

За разлика од големата Евровизија, на Детската Евровизија гледачите можат да гласаат и за претставникот на сопствената земја.

За поддршка на македонската претставничка, потребно е меѓу трите избрани песни да биде и „North Macedonia – Ana Stojanoska“, а потоа да се потврди гласот.

Детската Евровизија годинава ќе се одржи во Малта, а настапот на Ана Стојаноска ќе може да се следи во директен пренос на Македонската радио-телевизија и преку официјалниот канал на Детската Евровизија на YouTube.


Директен линк за гласање: JESC.TV – Детска Евровизија 2026

е-Трн да боцка во твојот инбокс