Германскиот производител на луксузни автомобили Порше денес објави дека до 2035 година во Германија ќе укине уште 5.000 работни места, со што вкупниот број работни места изгубени во нејзините германски погони ќе достигне речиси 9.000. Управата се договори со работничкиот совет за продолжување на гаранцијата за вработување и производство до 2035 година, а компанијата истовремено ќе вложи 2,1 милијарда евра во погоните во Цуфенхаузен и Вајсах.
Намалувањето на работните места, опишано во соопштението на компанијата како „општествено одговорно“, главно ќе се спроведе преку природно заминување на вработени, проширување на посебна програма за делумно пензионирање, како и доброволни раскинувања на договори за работа со отпремнини.
Со новите мерки, вкупниот број работни места укинати во германските погони на Порше ќе достигне речиси 9.000.
Управата на компанијата, во договор со работничкиот совет, ја продолжи гаранцијата за вработување и за зачувување на производството во погоните до 2035 година. Истовремено, Порше најави дека до истата година ќе вложи вкупно 2,1 милијарда евра во погоните во Цуфенхаузен и Вајсах.
Мерките се дел од новиот пакет за реструктуирање што надзорниот одбор на Порше го одобри минатата седмица. Според Ројтерс, работењето на компанијата го оптоваруваат силниот пад на продажбата на кинескиот пазар, американските царини и погрешните потези во преминот кон производство на електрични возила.
Под водство на поранешниот извршен директор Оливер Блуме, кој во меѓувреме премина на чело на групацијата Фолксваген, Порше веќе во март најави дека на пошироката област на Штутгарт до 2029 година ќе укине околу 3.900 работни места. Со комбинирање на тие мерки со новите, компанијата вкупно во Германија ќе укине околу 8.900 работни места.