Целосните помрачувања на Сонцето не се ретки, ретко е да ги видите

Иако феноменот се случува на секои 18 месеци, движењето на Месечината пред Сонцето најчесто се случува над океаните, а не над населени места.
Фото: EPA/Moncho Fuentes

Тоталните помрачувања на Сонцето важат за редок астрономски настан, но реалноста е поинаква. Месечината го блокира Сонцето на секои година до две, но шансата да стоите на правото место е исклучително мала. Главната причина за оваа перцепција е географијата. Целосно затемнување на Сонцето се гледа од појас од 100 до 160 километри, што го прави доживувањето на вистинскиот мрак ретка можност за која било фиксна точка на Земјата.

Кога Месечината минува меѓу Сонцето и Земјата, таа остава тесна патека на тотално помрачување. Надвор од тој појас, набљудувачите гледаат само делумно помрачување, каде Сонцето изгледа како загризано. Сепак, тие не го доживуваат вистинското помрачување со пад на температурата, видлива корона и целосен мрак.

Поголемиот дел од површината на Земјата е покриен со океани, а копното каде што живеат луѓе зафаќа мал процент. Поради тоа, за една конкретна локација на планетата, тотално помрачување се повторува во просек на секои 300 до 400 години.

Видливоста на тоталните помрачувања е последица на геометриска случајност. Сонцето е околу 400 пати пошироко од Месечината, но е и 400 пати подалеку од неа. Овој сооднос прави двете небесни тела да изгледаат со речиси идентична големина на нашето небо.

Сепак, оваа усогласеност е привремена. Месечината се оддалечува од Земјата за околу 3,8 сантиметри годишно. За околу 600 милиони години, таа ќе биде премногу далечна за целосно да го скрие Сонцето, со што тоталните помрачувања ќе станат минато.

е-Трн да боцка во твојот инбокс