Помладиот мозок побрзо се регенирира по повреда, но има и неочекувана негативна страна

Ново истражување кај глувци покажува дека способноста на младиот мозок брзо да се реорганизира по повреда

Младиот мозок има извонредна способност да се приспособува. Неговата пластичност му овозможува да создава нови нервни врски и да се реорганизира по повреда, што обично се смета за голема предност. Но, токму оваа способност може да има и неочекувана негативна страна.

Ново истражување објавено во списанието Experimental Neurology покажува дека помладиот мозок можеби е почувствителен на процесите што, по трауматска повреда, можат да доведат до развој на посттрауматска епилепсија, хронично нарушување со повторливи епилептични напади.

Истражувањето е спроведено кај глувци, па резултатите не можат директно да се применат врз луѓето. Сепак, научниците сметаат дека откритијата можат да помогнат подобро да се разбере зошто последиците од мозочните повреди значително се разликуваат зависно од возраста.

Мозокот што подобро се приспособува може да создаде и проблем

Трауматските повреди на мозокот настануваат поради надворешна сила – при пад, сообраќајна несреќа, спортска повреда или удар во главата. Според процените наведени во истражувањето, ваквите повреди засегаат до 69 милиони луѓе годишно. Кај дел од повредените, последиците не се појавуваат веднаш. Посттрауматската епилепсија може да се развие месеци или дури години по повредата.

Научниците предводени од Самба Реди од Медицинскиот колеџ „Најреш К. Вашишт“ при Texas A&M University го споредувале одговорот на помлади и постари глувци по трауматска повреда на мозокот. Резултатите покажале дека помладите животни подоцна развиле епилептична активност. Но, кога процесот еднаш ќе започнел, кај нив товарот од нападите бил значително поголем.

Тоа упатува на можноста дека пластичноста на младиот мозок, иако му помага полесно да се приспособи на оштетувањето, истовремено може да придонесе за создавање абнормални нервни врски. Со текот на времето, таквите врски би можеле да се организираат во мрежи способни да предизвикуваат епилтични напади.

Постарите мозоци реагираат поинаку

Кај постарите глувци била забележана поинаква шема. Тие имале поголема веројатност за појава на епилептична активност во поран период по повредата, но вкупната зачестеност и тежината на посттрауматската епилепсија биле помали во споредба со помладите животни. Од друга страна, стареењето носело свои ризици.

Постарите глувци покажале посилни знаци на невроинфламација, односно воспалителни процеси во мозокот, како и поизразено абнормално преструктурирање на нервните мрежи. Кај нив биле забележани и поголеми проблеми со долгорочното задржување на меморијата.

Подобро опоравување не значи помал ризик

Истражувањето укажува дека возраста можеби не го одредува едноставно тоа дали некој ќе се опорави добро или лошо по повреда на мозокот. Наместо тоа, возраста може да влијае врз начинот на кој мозокот се справува со оштетувањето и врз видот на долгорочните последици.

Кај помладиот мозок, поголемата пластичност може да помогне во обновувањето на функциите, но истовремено да создаде услови за постепено формирање мрежи што можат да предизвикуваат епилептични напади. Кај постариот мозок, пак, поголем проблем може да бидат воспалението, промените во нервните кола и нарушувањата на меморијата и когнитивните функции.

Ова може да помогне да се објасни зошто две лица со навидум слични повреди на мозокот можат да имаат сосема различен тек на опоравување и различни долгорочни последици.

Што би можело да значи за идните терапии?

Научниците сметаат дека резултатите отвораат можност третманот по трауматска повреда на мозокот во иднина да се приспособува и според возраста на пациентот. Кај помладите пациенти, потенцијална цел би била спречување на постепеното создавање абнормални нервни мрежи кои можат да доведат до епилепсија.

Кај постарите пациенти, поголемо внимание би можело да се посвети на контролирањето на воспалението, зачувувањето на меморијата и спречувањето на когнитивното опаѓање. Сепак, станува збор за рана фаза на истражување. Резултатите се добиени кај животински модел и потребни се дополнителни истражувања за да се утврди дали истиот механизам постои и кај луѓето.

Едно од најважните сознанија, според авторите, е дека младоста сама по себе не гарантира подобар исход по мозочна повреда. Способноста на мозокот да се менува може да биде моќна алатка за опоравување – но во одредени околности истата таа пластичност може да создаде нови проблеми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс