Поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро, кој во Полска се соочува со повеќе кривични обвиненија, ја напуштил Унгарија и заминал во САД. Тој лично потврдил за полската десничарска телевизија „Република“ дека пристигнал во Америка, откако минатата година доби азил од владата на Виктор Орбан.
Зиобро, еден од највлијателните луѓе во претходната полска влада на партијата Право и правда, е обвинет за злоупотреба на службената положба, водење организирана криминална група и незаконско користење јавни средства, меѓу другото и за набавка на шпионскиот софтвер „Пегас“. Тој ги негира обвиненијата и тврди дека станува збор за политички прогон.
Неговото заминување од Унгарија доаѓа по изборниот пораз на Орбан и најавите на новиот премиер Петер Маѓар дека земјата повеќе нема да штити странски политичари и функционери кои се бараат во своите држави. Маѓар порача дека Унгарија „нема да биде депонија за меѓународно барани криминалци“, изјава што во регионалниот контекст повторно го отвори и прашањето за поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
Засега не е целосно јасно како Зиобро отпатувал во САД, бидејќи полските власти претходно му ги одзеле патните документи. Според медиумски извештаи, тој заминал со документи издадени од Унгарија, а полската телевизија „Република“ соопштила дека го ангажирала како политички коментатор во САД.