Туск: Полска ѝ се приклучува на Франција во борбата за нуклеарно одвраќање

Макрон и Туск во Гдањск отворија нова фаза на одбранбена соработка, со најави за заеднички вежби, размена на информации и посилно европско нуклеарно одвраќање.

Полска се приклучува на групата европски земји што ќе соработуваат со Франција во рамки на нејзината стратегија за нуклеарно одвраќање, откако полскиот премиер Доналд Туск и францускиот претседател Емануел Макрон во Гдањск разговараа за нова фаза на безбедносна и одбранбена координација во Европа.

На заедничката прес-конференција, Макрон изјави дека меѓу темите што ќе се разгледуваат во наредниот период се размена на информации и организирање заеднички вежби. Франција, која е единствената нуклеарна сила во Европската Унија, веќе најави пошироко вклучување на европските партнери во рамки на своето нуклеарно одвраќање.

Туск потврди дека Полска донела одлука да се приклучи на оваа иницијатива, нагласувајќи дека станува збор за група држави кои ја разбираат потребата од европски суверенитет и посилна одбрана. Тој порача дека Европа живее во време кога нуклеарното одвраќање повторно станува дел од стратешката реалност.

И покрај тоа, полскиот премиер порача дека не гледа како посакувано сценарио француски „Рафали“ со атомско оружје да летаат над Полска. Од француска страна, пак, беше најавено дека во наредните месеци ќе се разгледуваат различни опции за практична соработка, иако конечната контрола врз француското нуклеарно оружје останува во Париз.

Покрај нуклеарната тема, Франција и Полска договорија и продлабочување на одбранбените врски во областа на военото планирање, вселенската соработка и заштитата на источните граници на Полска. Двете земји најавија и нов билатерален план за одбранбена соработка за периодот 2026-2028, како и можна полска набавка на француски воен телекомуникациски сателит до крајот на годината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни