Полицијата приведе 15 странски државјанки и двајца мажи во гостиварско

Ноќна полициска акција во Чегране и Галате откри нелегален престој на странски државјанки, обид за бегство и марихуана.

Полициски службеници од СВР Тетово и ОВР Гостивар ноќеска спроведоа акциска контрола во два угостителски објекти во гостиварскиот регион. Во акцијата се лишени од слобода две лица, а приведени се 15 странски државјанки од Србија, Албанија и Колумбија поради злоупотреба на туристичкиот престој.

Акциската контрола започнала околу 02:00 часот во угостителски објект во селото Чегране. При пристигнувањето на полициските службеници, 50-годишниот М.Х. од селото Форино ги забележал полицајците, ја заклучил влезната врата и ги предупредил присутните да бегаат.

Брзата реакција на полицијата на задниот излез од објектот спречила бегство на повеќе женски лица. Во овој објект се приведени 11 странски државјанки, а М.Х. е лишен од слобода.

Втората контрола е спроведена во угостителски објект на подрачјето на Полициското одделение Галате. Во оваа локација е уапсен 53-годишниот А.А. од Гостивар, кај кого полицијата пронашла марихуана.

Во објектот во Галате се затекнати и приведени уште четири странски државјанки.

Вкупно 15 странски државјанки на возраст од 19 до 40 години се приведени поради престојување спротивно на целта и злоупотреба на туристичкиот престој. Сите лица се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против нив и сопствениците ќе следуваат соодветни поднесоци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс