Почнува манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“ во Крушево

Со подигање на знамето на Гумење, дефиле на коњаниците и пукање од Црешовото топче, Крушево ги започнува илинденските чествувања.

Во Крушево вечерва официјално започнува традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“, со која се одбележуваат 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република. Програмата опфаќа положување цвеќе на историските споменици, пречек на над 120 коњаници, изложба на Државниот архив и свечено отворање на Гумење со читање на Крушевскиот манифест и симболично пукање од Црешовото топче.

Почит за илинденците и пречек на над 120 коњаници

Програмата започнува со оддавање почит и положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев, по што делегација на манифестацијата и на Општина Крушево ќе ја посети Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во селото Смилево. Во текот на денот, делегации ќе ги посетат и гробовите на Питу Гули и Тоше Проески, Партизанските гробишта, криптата на илинденските востаници и бистата на Веле Марко.

Пред црквата „Свети Никола“ во 18 часот е организиран пречек за 120 до 140 коњаници пристигнати од повеќе места низ државата, по што следува поворка до платото на Гумење. Захарија Ангелеска од Домот на културата истакна дека целта е да им се оддаде признание на коњаниците кои ја продолжуваат традицијата.

Свечено отворање на Гумење со Крушевскиот манифест

Пред споменикот „Илинден“ во 19:30 часот Државниот архив ќе ја отвори изложбата „Илинденското востание во архивската меморија“. Централниот свечен дел започнува во 20 часот на Гумење со обраќање на градоначалникот Нико Чонески, читање на Крушевскиот манифест и традиционалното симболично пукање од Црешовото топче.

Општина Крушево е главен покровител на настанот. Главните протоколарни збиднувања се одржуваат на Гумење, додека забавниот и музичкиот дел за сите посетители ќе се одвива во Градскиот парк во центарот на Крушево.

Утрешно чествување на Мечкин Камен

Манифестацијата ги најавува централните илинденски чествувања што ќе се одржат утре, на 2 август. На Големиот народен собир на Мечкин Камен е предвидено да се обрати потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс