Италијанскиот јувелир Паоло Булгари, кој помогна семејниот бизнис да прерасне во светски бренд за луксуз, почина во Рим на 89 години, објави CNN. Претседател на групацијата беше од 1984 година.

Накитот на „Булгари“ стана дел од холивудскиот гламур во педесеттите и шеесеттите години, кога филмските ѕвезди ја посетуваа продавницата на римската Виа Кондоти. Елизабет Тејлор се вљубила во брендот додека ја снимала „Клеопатра“. Ричард Бартон се шегувал дека единствениот италијански збор што го научила во Рим бил „Булгари“.
Паоло, роден во 1937 година, му се приклучил на бизнисот во 1960 година и станал експерт за скапоцени камења. Со браќата развивал препознатлив стил со крупни обоени камења, жолто злато и впечатливи форми. Следувале продавници во светските метрополи, часовници, парфеми и хотели.

Приказната почнала во 1884 година со неговиот дедо, грчкиот сребрар Сотириос Вулгарис, кој отворил продавница во Рим. Во 2011 година семејството го продаде контролниот удел на францускиот конгломерат LVMH.
