Слава му на ДЏ Стивен – мостот меѓу македонската и бугарската техно сцена

Бугарската, македонската и балканската електронска сцена се збогуваат со Стефан Крачанов, познат како ДЏ Стивен, еден од основачите на Metropolis и човек кој со музика градеше врски меѓу луѓе, сцени и градови.
ДЏ Стивен, Хотел Белви, 2004 Фото архива: Климе Матоски - Чима

Стефан Крачанов, познат на генерации љубители на електронската музика како ДЏ Стивен, почина по кратко боледување. Тажната вест ја соопштија неговите колеги од Metropolis, движењето кое со децении ја обликуваше електронската сцена во Бугарија и пошироко во регионот.

Крачанов е роден во 1962 година, а професионалната кариера ја започнал во 1990 година. Од првите клубски настапи до големите електронски настани, тој важеше за еден од луѓето кои ја внесоа техно културата во бугарскиот ноќен живот и ја поврзаа со поширокиот балкански простор.

Во 1997 година, заедно со група истомисленици и диџеи, го основа Metropolis – движење кое подоцна прерасна во еден од најпрепознатливите организатори и промотери на електронска музика во Бугарија. Преку Metropolis, бугарската публика доби пристап до светски имиња од техно и електронската сцена, а Софија стана важна точка на мапата на регионалната рејв култура.

2005 DJ Steven Metropolis birthday Sofia
Фото архива: Климе Матоски – Чима

ДЏ Стивен не беше само диџеј, туку и промотер, продуцент и културен мост. Неговото име се поврзува со периодот кога електронската музика во регионот не беше само звук, туку простор за дружење, слобода, патувања и соработка меѓу младите од Балканот.

Неговото влијание силно се чувствуваше и во Македонија. Ангел Ангеловски, продуцент во Трн.мк и еден од организаторите на настапот на Стивен во хотел „Белви“ во близина на Скопје во 2004 година, вели дека веста за неговото заминување ја примил со длабока тага.

„ДЏ Стивен беше човек кој остави силна трага врз бугарската, македонската и балканската техно сцена. Неговиот настап во хотел Белви во близина на Скопје во 2004 година беше еден од неговите први, но и најзначајни настапи во Македонија: салата беше преполна со над илјада луѓе, а скопските техно клубови таа вечер беа празни – сите дојдоа во Белви за да го слушаат Стивен. Тоа најдобро зборува за неговиот импакт и за респектот што го уживаше кај македонската публика“, вели Ангеловски.

Ангел Ангеловски и ДЏ Стивен, хотел Белви, 2004
Фото архива: Климе Матоски – Чима

Тој додава дека Стивен бил редок професионалец и надвор од пултот – отворен за соработка, искрен во разговорите за буџети, цени и организација, и секогаш подготвен да помогне во поврзување на настани меѓу Скопје и Софија.

„Со него не се градеа само журки, туку и мостови меѓу сцени, луѓе и идеи. Неговото наследство ќе живее преку музиката и сите вечери кога неговите сетови ја обединуваа публиката од целиот регион“, вели Ангеловски.

DJ Jasen Petrov & DJ Steven
Фото архива: Климе Матоски – Чима

Македонскиот диџеј Климе Матоски – Чима, во објава на социјалните мрежи, потсети дека крајот на 90-тите и првата половина од 2000-тите биле време кога „музиката и културата беа побитни од политиката“, а меѓу Македонија и Бугарија постоеле поинакви односи, со повеќе движење, дружење и соработка.

„Еден од тие мостови на пријателство беше DJ Steven, Стефан Кратчанов, кој уште во 90-тите години пушташе музика во Скопје и во соработка со промотерски куќи и диџеи од Македонија градеше контакти, па македонски диџеи настапуваа кај него во Софија, а тој повеќе пати беше присутен во Скопје и други градови“, напиша Матоски.

Фото архива: Климе Матоски – Чима

Тој додава дека како основач и промотер на Metropolis, Стивен бил одговорен за креирањето и развојот на електронската сцена во Бугарија и дека во последните три децении во земјата донел „сè што вредеше да се донесе“. Матоски го опиша и како одличен домаќин, човек кој секогаш прашувал со кого доаѓаат гостите и колку влезници им требаат.

„Никогаш не сме зборувале за политика и тоа што нè дели, туку секогаш за тоа што нè врзува. Иако тие мостови одамна ги нема и политичарите ги заменија промотерите, до последно знаев да си разменам по некој збор со овој голем човек, секогаш со позитивна мисла и добри намери. Збогум Steven, мило ми беше што те познавав, ти благодарам за сè“, напиша Матоски.

Фото архива: Климе Матоски – Чима

За многумина од сцената, ДЏ Стивен беше дел од едно време во кое електронската музика создаваше врски посилни од политиката. Metropolis, клубските настани и патувањата меѓу Македонија и Бугарија биле дел од регионална културна размена која остави траги кај цела генерација љубители на електронската музика.

Со неговото заминување, балканската техно сцена губи еден од своите најважни пионери. Но, наследството што го остави преку Metropolis, преку настапите, пријателствата и музичките мостови меѓу луѓето, продолжува да живее во генерациите што ја градат електронската сцена денес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс