Денес, во 89-тата година од животот, почина Јован Павловски – поет, раскажувач, романсиер, публицист, енциклопедист; член на Друштвото на писателите на Македонија од 1962 г. и негов претседател од 1992 до 1996 и од 2006 до 2008 г.
Павловски е роден на 10 септември 1937 година во Тетово. Од 1980 до 1986 г. е вонреден професор по теорија и практика на новинарството на Интердисциплинарните студии по новинарство на Унивезитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во својата богата кариера Павловски е долгогодишен уредник на повеќе рубрики во весникот Нова Македонија и нејзин дописник од Москва и Париз.
Автор е на повеќе од дузина збирки песни: „Август“ (1962), „Медеја“ (1969), „Идентитет“ (1974), „Оксидирања“ (1983), „Прераскажување на ентитетот“ (1985), „Строгоста на живеењето“ (1988), „Последните 48 часа на професорот по историја“ (1993), „Стварна промена“ (1996) „Одработен страв“ (1999), „Кревкото тело на Кирил Пејчиновиќ“ (2000, поема), „Стравот на професорот“ (2001), „Две поеми“ (2010), „Ноќна поема“ (2010). Автор е на романите: „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“ (1972), „Сок од простата“ (1991, коавтор), „Проверка на слободата“ (1998), „Град, години, луѓе“ (2009); на романите за деца и млади: „Блиско сонце“ (1975) и „Значка“ (1976); на збирката раскази „Семејни иверки“ (2003); на збирките раскази за деца и млади: „Близини“ (1977) и „Луѓе во зло време“ (1986).
Освен тоа, тој е автор и на повести, есеи, како и на повеќе од дузина енциклопедии за македонската историја, уметност и култура.
Павловски е добитник на десетици државни награди меѓу кои и Рациновото признание и наградата 13 ноември на Град Скопје.