Легендарната актерка и пејачка Оливера Катарина почина на 87-годишна возраст во Белград, соопшти нејзиното семејство. Таа беше една од најголемите ѕвезди на поранешна Југославија, уметница која со својот глас, актерскиот талент и впечатливата појава остави трага во филмот, театарот и музиката.
Родена како Оливера Петровиќ во Белград во 1940 година, таа по дипломирањето на Правниот факултет се запишала на Театарската академија, каде што студирала со некои од идните легенди на југословенската сцена, меѓу кои Петар Краљ и Милена Дравиќ.
Во 1962 година ја започнала професионалната актерска кариера во Народниот театар во Белград со улогата во претставата „Коштана“.
„Собирачи на пердуви“ ја прослави пред светот
Најголемиот успех на филмското платно го постигна со култниот филм „Собирачи на пердуви“ (1967) на режисерот Александар Петровиќ. Филмот беше номиниран за „Оскар“, а на Канскиот филмски фестивал ја освои Големата награда (Гран при). Оливера Катарина со својата улога стана препознатливо име и надвор од границите на Југославија.
Половина век подоцна, во 2017 година, таа повторно се врати во Кан по повод 50-годишнината од филмот, каде што ја изведе легендарната песна „Џелем, џелем“.
Во текот на 1960-тите и 1970-тите години играше во бројни домашни и странски продукции, меѓу кои „Добра коб“, „Сну“, „Узрок смрти не помињати“, „Девичанска свирка“ и „Црвен удар“.
Аплаузи во „Олимпија“ и восхит од светските уметници
Паралелно со актерството, Оливера Катарина изгради и успешна музичка кариера. Одржа бројни концерти, сними повеќе албуми и синглови, а настапуваше и во престижната париска сала „Олимпија“, каде што имала дури 72 концерти.
За нејзиниот талент пишуваше и „Њујорк тајмс“, а по еден од нејзините настапи, легендарниот уметник Салвадор Дали ѝ се поклонил и го изразил своето восхитување од нејзината убавина и глас. Соработуваше со големи имиња од светската музика, меѓу кои Енио Мориконе, Шарл Димон и Микис Теодоракис, како и со најзначајни југословенски композитори, меѓу кои Корнелије Ковач.
Нејзиниот репертоар опфаќаше различни музички традиции – од српска и ромска музика, до грчка и индонезиска.
Миленичка на Тито
Оливера Катарина беше една од омилените пејачки на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито. Во интервјуа раскажуваше дека првпат го запознала додека го снимала филмот „Нишка Бања“. Според нејзиното сведоштво, Тито присуствувал на снимањето и лично ја следел нејзината работа.
Подоцна, додека со сопругот Миладин Шакиќ чекале Нова година, добила покана да му пее на Тито.
„Нему не можеше да му се каже не“, раскажувала таа во едно интервју.
Говореше и за средбата со Јованка Броз, сопругата на Тито, опишувајќи ја како интересен момент од нејзиниот бурен живот.
Последните години далеку од рефлекторите
Последниот албум „Ретка ѕвезда“ го објави во 1984 година, по што постепено се повлече од јавноста. Во подоцнежните години медиумите пишуваа дека живеела скромно и дека, поради финансиски тешкотии, продавала дел од својот мебел за да ги плати сметките.
„Самувам во моите четири ѕида, заборавена сум од повеќето пријатели и колеги. Го зачував достоинството и не сум депресивна. Нема да молам никого за ништо“, изјавила таа во едно интервју.
Сепак, нејзината уметничка вредност остана призната. Во 2005 година соработуваше со Марина Абрамовиќ во проектот „Балкански епик“, а во 2008 година се врати на филмот со улогата во „Чарлстон за Оган“ на Урош Стојановиќ.
Во 2017 година ја објави автобиографијата „Аристократско стапало“, а истата година ја доби наградата „Златен печат“ на Југословенската кинотека. Во 2020 година беше наградена со „Нушиќ“ за животно дело.
Зад себе остави и син, Манет Шакиќ, академски сликар, од бракот со Миладин Шакиќ. Оливера Катарина останува запаметена како една од најхаризматичните личности на југословенската култура – актерка, пејачка и симбол на една епоха која остави неизбришлива трага.