Американската војна со Иран чини 37,5 милијарди, Хегсет бара уште 67

Министерот за одбрана Пит Хегсет пред Сенатот изнесе нова проценка за воените трошоци и побара итен буџет за армијата.
Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Војната против Иран досега ги чини САД 37,5 милијарди долари, соопшти министерот за одбрана Пит Хегсет на сослушување во американскиот Сенат. Сумата ги опфаќа досегашните и очекуваните расходи до крајот на септември. Хегсет истовремено побара дополнителен буџет од 67 милијарди долари за борбена готовност и оружени системи.

Одговарајќи на прашање на демократскиот сенатор Дик Дурбин, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет пред Сенатот изјави дека трошоците од војната со Иран достигнале 37,5 милијарди долари. Претходната проценка изнесуваше 29 милијарди долари.

Хегсет појасни дека новата сума не се однесува само на веќе направени трошоци. Таа ги опфаќа и очекуваните расходи до крајот на тековната буџетска година на 30 септември. Во тие средства се вклучени исплатите за припадниците на војската, како и оперативните и трошоците за одржување.

На прашањето на Дурбин дали продолжените борби значат дека трошоците дополнително ќе растат во наредните месеци, министерот одговори дека предвидените расходи до крајот на септември се веќе пресметани во сумата од 37,5 милијарди долари.

Покрај извештајот за досегашните трошоци, Хегсет побара од Конгресот дополнителен буџет од 67 милијарди долари за Министерството за одбрана. Средствата се наменети за обезбедување на борбената готовност на вооружените сили и за надоместување на потрошениот материјал.

Дел од бараната сума треба да ги забрза инвестициите во муниција и во нови оружени системи. Хегсет нагласи дека овој дополнителен буџет не треба да го замени редовниот буџет за одбрана, туку е замислен како итна финансиска помош за војската.

е-Трн да боцка во твојот инбокс