Музичкиот свет се простува од Хуан Аткинс (Juan Atkins), легендарниот американски диџеј, продуцент и еден од пионерите на детроитското техно. Аткинс, член на историската „Белвилска тројка“ (The Belleville Three), почина на 64-годишна возраст.
Информацијата првично ја објави агенцијата за уметници „Гринсмит артистс“ (Greensmith Artists), која го застапуваше музичарот. Портпарол на агенцијата потврдил за музичкиот медиум „Резидент адвајзор“ (Resident Advisor) дека Аткинс утрово бил пронајден без свест во својата хотелска соба во Мексико Сити. По пренесувањето во болница, лекарите ја констатирале неговата смрт. Засега не се соопштени дополнителни информации за причината за смртта.
Роден во Детроит во 1962 година, Аткинс пораснал во блискиот град Белвил, каде што ги запознал Дерик Меј (Derrick May) и Кевин Сондерсон (Kevin Saunderson). Тројцата подоцна ќе станат познати како „Белвилската тројка“, чие пионерско творештво во раните 1980-ти помогна Детроит да се издигне во еден од најважните светски центри на електронската музика.
Нивниот звук беше поинаков од дотогашните музички текови – спој на електронски експерименти, футуристички синтисајзери, механички ритми и влијанија од фанкот и научната фантастика. Од локалната сцена во Детроит, техното постепено се прошири низ Европа и остатокот од светот, станувајќи еден од најпрепознатливите музички жанрови на современата клупска култура.
Аткинс ја започна својата кариера во групата „Сајботрон“ (Cybotron), која ја формираше со Рик Дејвис (Rik Davis). Нивната музика, особено нумерата „Клир“ (Clear) од 1983 година, се смета за едно од клучните остварувања во развојот на раното електро и техно.
Под псевдонимот „Модел 500“ (Model 500), тој продолжи да го истражува и обликува звукот на електронската музика. Во 1985 година ја основа и издавачката куќа „Метроплекс рекордс“ (Metroplex Records), која стана важна платформа за детроитските техно-продуценти и ширењето на новиот музички правец.
Влијанието на Аткинс одамна ги надмина границите на Детроит. Неговата музика и визија помогнаа да се постават темелите на техното какво што го познаваме денес, а неговото творештво инспирираше генерации продуценти, диџеи и музичари.
Веста за неговата смрт предизвика простувања од музичката заедница. „Почивај во мир, легендо, и ти благодариме за сè“, порачаа од „Гринсмит артистс“. Хуан Аткинс останува запаметен како еден од архитектите на електронската музика – човекот чиј футуристички звук од Детроит стана дел од музичката историја.
