Кој е Марко Кричак, уапсениот началник на Управата за криминалистичка полиција во Србија?

Од командант на единицата задолжена за обезбедување функционери до еден од највисоките полициски раководители во Србија – кариерата на Марко Кричак ја следат обвинувања за полициска бруталност, притисоци врз приведени лица и спорни постапки. Сега е уапсен под сомнение за злоупотреба на службената положба.
Полициски кордон во Србија
фото: Реља Јарковачки

Началникот на Управата за криминалистичка полиција (УКП) во Србија, Марко Кричак, е уапсен утрово по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, под сомнение дека ја злоупотребил службената положба. Како што објави „Радар“, кривичната пријава против него ја поднел адвокатот на помошникот директор на полицијата, Веселин Милиќ.

Кричак ја водел полициската акција по убиството на Александар Нешовиќ Баја во ресторанот „27“ во белградската населба Сењак. Сега е осомничен дека во текот на истрагата фалсификувал докази и вршел притисок врз сведоци и обвинети, со цел нивните искази да се усогласат со однапред создадена верзија на настаните. Станува збор за сомневања што треба да бидат предмет на постапката.

Од Безбедносно-информативната агенција до врвот на полицијата

Кричак беше поставен за началник на Управата за криминалистичка полиција кон крајот на декември 2025 година. Претходно беше командант на Единицата за обезбедување одредени личности и објекти (ЈЗО), а во Министерството за внатрешни работи преминал од Безбедносно-информативната агенција (БИА).

По именувањето на Братислав Гашиќ за министер за внатрешни работи, Кричак повторно преминал во МВР, каде што веднаш бил поставен за заменик-командант на ЈЗО. Во 2023 година бил именуван за командант на единицата.

Неговиот професионален пат предизвика критики од опозициски политичари и новинари. Тие укажуваа дека Кричак немал завршено ниту основна полициска обука пред да почне да работи во МВР. Според нивните тврдења, пред вработувањето во БИА работел како продавач на автомобили. Министерството за внатрешни работи ги демантираше овие наводи.

Во написот на „Данас“ се посочува дека законските одредби дозволуваат премин на вработени во БИА во полицијата, додека за вработување во самата агенција може да се одлучува и по дискреционо право на нејзиниот директор.

Обвинувања за полициска бруталност и притисоци врз приведени лица

ЈЗО, единицата со која командуваше Кричак, и нејзини припадници беа поврзувани со повеќе случаи на полициска бруталност. Иако нејзината основна задача не е одржување на јавниот ред и мир, Кричак и припадници на единицата беа присутни на улиците на Белград за време на студентските протести.

Студентката Николина Синѓелиќ јавно сведочеше дека Кричак ѝ се заканувал со силување и ѝ удирал шлаканици откако била приведена во гаража на Владата на Србија. Таа поднела кривична пријава против него и против уште неколку припадници на единицата, но, според „Данас“, истрагата не напредувала значително. Кричак неодамна поднел приватна тужба против Синѓелиќ.

Неговото име се поврзува и со видеоснимка на која, според наводите, се гледа физичко малтретирање и изнудување исказ од студент приведен за време на протест во Јагодина.

Дополнително, инспекторите Миленковиќ и Митиќ, поради информации дека се подготвува нивна ликвидација, се под заштита на Специјалната антитерористичка единица. Претходно МВР предложило да ги обезбедува токму ЈЗО, со која раководеше Кричак, но тие го одбиле предлогот.

И покрај обвинувањата, доби една од најважните функции во МВР

И покрај низата обвинувања и контроверзии, Кричак беше поставен на една од најважните раководни позиции во Министерството за внатрешни работи, особено во оперативниот дел. Под негови надлежности сега е и Службата за борба против организираниот криминал (СБПОК), која тесно соработува со Обвинителството за организиран криминал.

Според „Данас“, Кричак важи за полициски функционер со поддршка од српскиот претседател Александар Вучиќ. Вучиќ досега го одликувал и него и единицата со која раководел, а во повеќе наврати јавно го пофалил.


Неговото апсење отвора сериозни прашања за работата на полициските структури и за одговорноста на нивните раководители. Сепак, сомневањата против Кричак допрва треба да бидат предмет на обвинителска и судска постапка, а неговата вина не е утврдена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс