Летечките автомобили се приближуваат до пазарот: Ќе чинат 258.000 евра, а за полетување ќе ви треба и соодветно место

Компанијата „Алеф аеронаутикс“ се надева дека првиот летечки автомобил ќе им го испорача на купувачите до следната година. Но, високата цена, ограничувањата за полетување и регулативите засега ја држат оваа технологија далеку од секојдневниот сообраќај.

Летечките автомобили би можеле наскоро да станат реалност, но тоа не значи дека во блиска иднина ќе ги гледаме како вообичаено превозно средство за одење на работа. Засега, оваа можност ќе им биде достапна главно на луѓето со многу длабок џеб, пишува „Бизнис инсајдер“.

Компанијата „Алеф аеронаутикс“, која развива летечки автомобили од 2015 година, објави видео на кое нејзиниот тест-модел лебди над возилата „Сајбертрак“ и „Роудстер“ на „Тесла“. Снимката беше објавена два дена пред демонстрацијата на „Тесла“, на која нејзиниот „Роудстер“ изведе салто.

„Многу луѓе сега знаат за ‘Роудстер’, но ние летаме веќе пет години“, изјави за „Бизнис инсајдер“ Џим Духовни, извршен директор на „Алеф аеронаутикс“. Според него, компанијата досега реализирала околу 1.000 летови.

Духовни вели дека видеото било планирано околу еден месец пред демонстрацијата на „Тесла“, по извештаите дека компанијата на Илон Маск би можела да претстави сопствен летечки автомобил.

Летечки автомобил за 258.000 евра

Кога станува збор за испораките, „Тесла“ најавила дека производството на „Роудстер“ треба да започне во 2028 година. Сепак, верзијата со целосен систем за летање, според компанијата, ќе биде достапна само по покана.

„Алеф аеронаутикс“, пак, се надева дека првиот примерок ќе му го испорача на купувач до следната година.

Цената на летечкиот автомобил на „Алеф“ се очекува да изнесува 300.000 долари, односно околу 258.000 евра. За претнарачка е потребен депозит од 150 долари, или приближно 129 евра.

„Тесла“ не ја објавува целосната цена на „Роудстер“, но на својата интернет-страница наведува дека за верзијата со дополнителни потисници за забрзување е потребен депозит од 250.000 долари, односно околу 215.000 евра.

Дури и за самиот извршен директор на „Алеф“, ваквата цена е превисока.

„Во моментов не можам да си го дозволам“, изјави Духовни, додавајќи дека со преминувањето кон масовно производство и достигнувањето автомобилски производствен обем цената би можела да падне под 25.000 долари, односно околу 21.500 евра.

Не е доволно само да имате летечки автомобил

Високата цена не е единствената пречка. На сопствениците ќе им биде потребно и соодветно место од кое ќе можат да полетаат и да слетаат. Духовни смета дека можеби нема да биде неопходно да се градат посебни хелиодроми, но предупредува дека луѓето не треба да очекуваат дека ќе можат да полетаат од која било улица во центарот на градот за да ги избегнат сообраќајните метежи.

„Не можете да полетате од улицата Маркет ниту да слетате на улицата Маркет“, рече тој, мислејќи на една од главните сообраќајници во Сан Франциско. „Мора да полетувате и да слетувате од места каде што тоа е дозволено, но не мора да се гради посебна инфраструктура“, додаде Духовни.

Александар Бајен, професор по електротехника и компјутерски науки на Универзитетот во Калифорнија во Беркли, кој ги истражува напредните транспортни системи, смета дека технологијата сама по себе не е најголемиот предизвик. Многу потешко ќе биде да се изгради сигурен транспортен систем во кој овие возила би можеле да функционираат.

Според него, регулативите, инфраструктурата и прифаќањето од јавноста значат дека масовната употреба на летечки автомобили во густо населените градови веројатно е оддалечена неколку генерации.

„Мислам дека е целосно нереално да се гледа на ова како на средство за масовен превоз во блиска иднина“, вели Бајен.

Кој би ги користел првите летечки автомобили?

Духовни смета дека првите корисници би можеле да бидат луѓе што живеат во оддалечени области, на пример во планински предели или места со слабо развиена патна инфраструктура. Бајен, пак, посочува дека технологијата би можела да биде корисна за кратки патувања над помали водни површини. Но, според него, станува збор за можност достапна само за мал број луѓе.

„Единствената потреба што оваа технологија може да ја задоволи е привилегијата да се скрати патувањето до работа со летање над вода или други пречки – за оние што можат да си го дозволат тоа“, вели тој.

Во меѓувреме, компании како „Џоби еркрафт“ и „Арчер авиејшн“ развиваат поинаков вид воздушен превоз – летала со електричен погон што полетуваат и слетуваат вертикално, познати како еВТОЛ. Тие наликуваат на хеликоптери, но се потивки и користат електрична енергија. Духовни нагласува дека летечките автомобили на „Алеф“ и „Тесла“ се разликуваат од овие летала бидејќи можат да се движат и по патишта.

„Во моментов постојат само две такви возила – нашето и она на ‘Тесла’“, изјави тој.


Од „Тесла“ не одговориле на барањето на „Бизнис инсајдер“ за коментар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс