Пошумувањето на Милано е еден од најамбициозните урбани зелени проекти во Европа. Во следните четири години низ италијанскиот метрополис ќе бидат засадени три милиони нови дрвја и грмушки, со цел да се прочисти воздухот на улиците кои со месеци се покриени со смог. Потребата е очигледна. На октомвриската листа на IQAir, Милано се најде на седмото место меѓу десетте најзагадени градови во светот и беше единствениот европски град на таа листа. Причината делумно лежи во неговата положба во ниската Падска низина, каде воздухот слабо циркулира, а дополнително го оптоваруваат интензивното земјоделство и индустриските емисии од регионот.
Зад проектот стои Фондацијата „Форестами“, која смета дека повеќе зеленило на улиците, покривите и фасадите е најевтиниот и најефикасниот начин да се филтрира ситната прашина, да се излади градот и да се подобри здравјето на жителите. Од почетокот во 2019 година досега се засадени речиси 640.000 дрвја и грмушки. Идејниот творец е италијанскиот архитект Стефано Боери, авторот на познатата милански „Вертикална шума“, станбена зграда обраснета со зеленило. За својата работа во подобрувањето на квалитетот на воздухот тој веќе ја доби наградата на Европската фондација за бели дробови.
Сега проектот доби и ново признание. На 29 октомври, за време на Конференцијата на ОН за биолошка разновидност (COP17) во Ереван, Ерменија, „Форестами“ беше прогласен за светски водечки пример за обнова на екосистемите. Според Програмата на ОН за животна средина (УНЕП), Милано враќа природа во една од најгусто населените и најзагадените области во Европа, садејќи по едно дрво за секој жител.
Досега се обновени деградирани урбани површини со големина на околу 350 фудбалски терени, меѓу кои поранешни индустриски зони, паркинзи и складишта. Во проектот активно се вклучени и учениците, а граѓаните се повикани и самите да садат дрвја. Милано е еден од само петте проекти што го добија ова признание и единствениот од Европа. Покрај него, издвоени се обновата на мочуриштата во Колумбија, партнерството за зачувување на парковите во Сиетл, оживувањето на шумите во етиописката Голема Рифтова Долина и обновата на крајбрежните и морските екосистеми во Кина.
Истиот ден УНЕП објави и голема глобална анализа, според која 252 милиони хектари во 149 земји моментално се во процес на обнова, што е најголемиот документиран напор досега. Сепак, извршната директорка Ингер Андерсен предупреди дека на половина од Деценијата на ОН за обнова на екосистемите природата сè уште не се обновува со потребната брзина и обем.
Обновата на копнените екосистеми достигна речиси половина од глобалната цел, но слатководните, морските и крајбрежните области, кои најбрзо се уништуваат, значително заостануваат. Годишните средства за обнова треба да се зголемат повеќе од четири пати.
Обновата на само 15 отсто од приоритетните области во светот би можела да складира 30 отсто од јаглеродните емисии од индустриската револуција наваму и да спречи 60 отсто од изумирањата на видовите. Исполнувањето на глобалните цели би создало и до 32 милиони нови работни места до 2030 година.
