Два моќни космички блесока оддалечени само четири минути: Астрономите открија настан што ги предизвикува досегашните теории

Од истата точка во вселената пристигнале два различни избоја на гама-зрачење – првиот траел помалку од две секунди, а вториот повеќе од 51 секунда. Научниците сè уште немаат објаснување како можеле да се случат во рамките на еден ист космички настан.

Астрофизичарите открија досега незабележан космички настан што ги доведува во прашање постојните теории за потеклото на најмоќните експлозии во вселената. Станува збор за два различни избоја на гама-зрачење, регистрирани од ист извор, со временска пауза од само четири минути.

Настанот, означен како ГРБ 160425А, бил откриен на 25 април 2016 година со помош на податоците од вселенската опсерваторија „Нил Герелс Свифт“. Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание „Нејчр астрономи“.

Избоите на гама-зрачење се меѓу најмоќните експлозивни појави во вселената. Традиционално се делат во две категории: кратки, кои траат помалку од две секунди и најчесто се поврзуваат со спојување на компактни објекти, како неутронски ѕвезди или црни дупки, и долги, кои траат повеќе од две секунди и обично се поврзуваат со колапс на јадрото на масивна ѕвезда.

Два различни блесока од ист извор

Она што го прави ГРБ 160425А толку необичен е тоа што ги содржи двата типа избој во рамките на еден настан. Првиот блесок, означен како Г1, траел 1,7 секунди. Неговите спектрални и физички карактеристики одговараат на краток избој, каков што се очекува при спојување на компактни небесни тела.

По пауза од четири минути следел вториот блесок, Г2, кој траел 51,2 секунди и имал карактеристики типични за колапс на масивна ѕвезда, познат како колапсар. Светлината од галаксијата во која се случил настанот патувала околу 5,5 милијарди години пред да стигне до Земјата.

Енергијата ослободена при двата блесока била исклучително голема. Првиот ослободил енергија споредлива со онаа што Сонцето би ја произвело во текот на милијарди години. Вториот емитувал околу трипати повеќе енергија од првиот – повеќе од вкупната енергија што Сонцето може да ја произведе во текот на целиот свој животен век.

Зошто откритието ги предизвикува научниците?

Едно од клучните прашања е како два избоја со толку различни физички карактеристики можеле да потекнуваат од ист космички извор, во временски интервал од само неколку минути. Бинг Џанг од Универзитетот во Хонгконг, еден од авторите на истражувањето, посочува дека веројатноста двата настани да биле целосно независни, но случајно да се случиле во исто време и на исто место гледано од Земјата, е исклучително мала.

Научниците разгледале пет можни теоретски објаснувања, но ниту едно не ги објаснува убедливо сите измерени параметри.

Можноста двата блесока да потекнуваат од различни галаксии или од различни места во една иста галаксија е статистички крајно малку веројатна. Други сценарија, според кои вториот блесок е продолжение на првиот или претставува рано зрачење пред колапсот на масивна ѕвезда, не се совпаѓаат со измерената енергија и временската пауза.

Петтото објаснување претпоставува дека двата блесока потекнуваат од еден сложен систем со сè уште непознат состав, кој предизвикал два различни типа експлозија преку механизам што астрономите досега не го забележале.

Можеби ќе треба да ги преиспитаме досегашните теории

Комбинацијата од два различни избоја, четириминутна пауза и нивните физички карактеристики го прави ГРБ 160425А единствен пример во досегашните астрономски набљудувања.


Истражувачите заклучуваат дека постојните теоретски модели не можат едноставно да ги објаснат сите забележани својства на настанот. Затоа, откритието отвора простор за преиспитување на досегашната поделба на избоите на гама-зрачење и на механизмите преку кои настануваат овие екстремно моќни космички експлозии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс