Алта банка се огласи по одземањето на лиценцата: Се преземаат мерки за заштита на штедачите и доверителите во Србија

Банката соопшти дека надлежните институции и стечајните органи работат на заштита на интересите на клиентите и спроведување на законските постапки. Штедачите ќе бидат информирани каде и како ќе можат да ги подигнат осигурените депозити до 50.000 евра.

Алта банка Србија се огласи по отворањето на стечајната постапка, наведувајќи дека надлежните институции и стечајните органи ги преземаат неопходните чекори за заштита на интересите на штедачите и другите доверители.

„Сите надлежни институции и стечајни органи преземаат неопходни чекори со цел заштита на интересите на депонентите и доверителите, како и спроведување на понатамошните законски процедури во согласност со прописите на Србија“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на банката.

Од Алта банка им се заблагодарија на клиентите, штедачите, деловните партнери и соработниците за довербата и соработката во текот на годините на работење. Банката најави дека навремените и официјалните информации за текот на постапката, вклучително и за начинот и роковите за остварување на правата на клиентите и доверителите, ќе бидат објавувани преку нејзините официјални канали за комуникација.

Што ќе се случи со депозитите на штедачите?

Народната банка на Србија соопшти дека на 30 октомври ѝ ја одзела дозволата за работа на Алта банка АД Белград, по спроведените контролни активности и изречената привремена мерка. Одлуката, како што беше наведено, е донесена со цел да се заштитат штедачите и другите доверители и да се спречи ширење на негативни последици врз општеството и економијата.


Штедачите ќе бидат информирани во која банка ќе можат да ги подигнат своите депозити до осигурениот износ од 50.000 евра. Народната банка најави дека ќе бидат објавени и информациите за начинот на пријавување на останатите побарувања и нивната исплата. Засега, клиентите треба да ги следат официјалните известувања од Народната банка на Србија и стечајните органи за конкретните чекори и рокови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс