Потеклото на лилјаците со децении е предмет на научни расправи, а нова студија објавена во списанието „Нејчр“ нуди силни докази дека нивното родно место е Европа. Истражувањето е меѓународно и ги комбинира анализите на ДНК со фосилните наоди. Досегашниот проблем беше во тоа што, за разлика од птиците, кај кои постои богат фосилен запис за преминот од диносаурус до птица, пронајдените фосили на лилјаци речиси секогаш покажуваат веќе целосно формирани животни.
Лилјаците се единствените цицачи способни за вистински лет. Претходните реконструкции како можно родно место ги посочуваа САД, Африка или Азија, при што различните податоци и модели даваа различни одговори. Најстарите познати скелети, пронајдени во американската сојузна држава Вајоминг, се стари околу 52 милиони години и нивните издолжени прсти на крилата покажуваат дека овие животни веќе летале.
Сепак, местото каде се пронајдени најстарите фосили не мора да значи и место каде групата првично настанала. Способноста за лет им овозможила на лилјаците брзо да се рашират во нови региони, па најстарите фосили може да припаѓаат на популации што веќе мигрирале. Затоа научниците мораат да го комбинираат семејното стебло на лилјаците со докази за тоа кога и каде живееле неговите гранки.
Студијата е значаен успех за проектот Bat1K, меѓународна иницијатива чија цел е да создаде висококвалитетни геноми за сите живи видови лилјаци. Истражувачите анализирале геноми од 103 вида што ги претставуваат сите 21 живи фамилии, како и анатомски податоци за 65 вида, од кои дури 44 се изумрени. Споредбата на целосните геноми дава многу повеќе информации за заедничкото потекло отколку претходните истражувања засновани на само неколку гени.
Новата анализа го сместува појавувањето на лилјаците во Европа во доцниот палеоцен, пред повеќе од 56 милиони години. Според оваа реконструкција, нивните потомци прво се рашириле во Африка, а потоа и на другите континенти, паралелно со развојот на главните групи. Заклучокот произлегува од модели што го земаат предвид и движењето на континентите, а Европа доби силна поддршка во анализата.
Студијата носи и нови сознанија за ехолокацијата, природниот сонар со кој повеќето лилјаци испуштаат звуци и преку нивното ехо се ориентираат и наоѓаат храна. Истражувачите го поврзале денешните лилјаци со вијелазија, изумрен вид од Франција чиј 50 милиони години стар череп покажува карактеристики на внатрешното уво типични за ехолокација. Тоа ја зајакнува тезата дека сонарот постоел уште пред развојот на денешните групи лилјаци, иако прашањето дали прво се развил летот или ехолокацијата сè уште останува отворено.
Денес најголемата разновидност на лилјаци се наоѓа во тропските предели, но Европа во која тие се појавиле била сосема поинаква од денешната. Делови од континентот во доцниот палеоцен биле покриени со топли суптропски шуми. Повремено копнените врски преку Гренланд ја поврзувале Европа со Северна Америка, овозможувајќи им на цицачите да се движат меѓу региони што денес ги дели океан.
