Amazon ја претстави новата генерација Amazon Echo уреди за паметен дом, која опфаќа пет производи со поддршка за Alexa+, понапредната верзија на неговиот гласовен асистент. Станува збор за новиот звучник Echo Dot, моделот Echo Studio with Home Camera, паметниот часовник Echo Time, дигиталната рамка Alexa Photo Frame и паметниот екран Echo Show 16. Новата линија носи посилен хардвер, дополнителни сензори и повеќе можности за управување со домот.
Најпристапниот новитет е Echo Dot, кој за прв пат има вграден центар за поврзување паметни уреди во домот. Звучникот може да работи и како засилувач на Wi-Fi мрежата преку технологијата eero и користи процесор AZ3 на Amazon. Според производителот, басот е 50 отсто помоќен во однос на претходниот модел, а цената во Европа изнесува 104,99 евра.
Новиот Echo Studio with Home Camera ја задржува поддршката за Dolby Atmos, но добива и камера. Со нејзина помош Alexa може да препознава предмети во просторијата и да дава информации за нив. Неговата европска цена е 259,99 евра.
Најинтересниот додаток во понудата е Echo Time, паметен часовник за на маса со сферично куќиште и екран на допир од 3,2 инчи. Уредот нема камера, туку користи сензори што го следат присуството и дишењето на корисникот. Благодарение на тоа, според Amazon, може да ги препознае полесните фази на сонот и да го активира алармот од 10 до 60 минути пред зададеното време за будење, а чини 214,99 евра.
Alexa Photo Frame нуди екран од 10 инчи за прикажување фотографии и автоматска синхронизација со услугата Amazon Photos. Корисниците можат да бараат фотографии и со гласовни команди, без рачно пребарување низ албумите. Во САД рамката ќе чини 199,99 долари, додека европската цена и датумот на достапност засега не се потврдени.
Најскапиот новитет е Echo Show 16, со екран од 16 инчи, вграден Fire TV и камера од 13 мегапиксели со можност за ноќно снимање. Почетната цена во САД изнесува 499,99 долари. Amazon потврди дека уредот подоцна ќе стигне и на европскиот пазар, но точниот датум сè уште не е познат.
Echo Dot, Echo Studio with Home Camera и Echo Time од 28 октомври се достапни за купување преку германската, италијанската и шпанската верзија на Amazon. Со оваа линија компанијата јасно покажува дека паметниот дом го гради околу Alexa+ и уредите што не само што слушаат команди, туку и ја следат околината. Сензорите, камерите и вграденото поврзување треба да ги направат уредите покорисни во секојдневието, но истовремено отвораат и прашања за тоа колку податоци за домот и навиките на корисниците собираат.
