Околу два милиони евра биле повлечени во готовина и преку други трансфери од Алта банка АД Битола до крајот на вчерашниот ден. Ова го соопшти гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, објаснувајќи ги причините за воведувањето привремена администрација и ограничувањата за располагање со средствата на клиентите.
Според Славески, информацијата за повлечените средства ја добиле од Управниот одбор на банката на денешната средба, одржана во 14:10 часот, откако Извршниот одбор на Народната банка веќе ги донел одлуките за привремените мерки.
„Тие потврдија дека до вчерашниот ден, заклучно со вчерашниот ден, биле во готовина и други трансфери подигнати околу 2.000.000 евра од банката“, изјави Славески.
Тој објасни дека поради зголеменото повлекување средства, процесорот за картички привремено ги блокирал платежните картички на банката. Услугата повторно била овозможена денеска околу 12 часот.
Колку пари можат да трошат клиентите?
Народната банка одлучи клиентите на Алта банка да можат да користат до 10.000 денари неделно преку платежните картички. Славески рече дека лимитот бил утврден врз основа на проценката за секојдневните потреби на граѓаните, посочувајќи дека просечната плата и пензија заедно изнесуваат околу 40.000 денари месечно.
Максималното времетраење на привремените мерки, според одлуката, е три месеци. Сепак, гувернерот очекува состојбата да се надмине и мерките да бидат укинати порано. Како една од можностите за надминување на проблемот ја посочи продажбата на акциите што ги поседува Алта банка АД Белград, за која е најавена стечајна постапка.
„Иако тоа е неофицијална информација, има повеќе заинтересирани купувачи“, изјави Славески.
Тој објасни дека акционерот од Белград ќе го задржи правото на сопственост, но според законската постапка ќе треба да ги понуди акциите на продажба. Доколку тоа не го направи во предвидениот рок, постапката ќе ја спроведе Народната банка.
Банката продолжува со работа
Славески нагласи дека воведувањето привремена администрација не значи одземање на дозволата за работа на Алта банка АД Битола. „Банката продолжува со работа без некои поголеми последици“, рече гувернерот, додавајќи дека мерките се преземени за да се заштитат имотот на банката и интересите на штедачите.
Мобилното и електронското банкарство, кои во моментов не се достапни за клиентите, се очекува повторно да бидат овозможени во наредните денови. Дотогаш, клиентите ќе можат да располагаат со средствата во рамките на утврдените ограничувања. Интерните трансфери меѓу сметките во самата банка остануваат дозволени без ограничување на износот.
