Почина Франко Барези, легендарниот капитен на Милан и Италија – симбол на една фудбалска ера

Еден од најголемите италијански фудбалери во историјата почина на 66 години. Барези цели 19 сезони го носеше дресот на Милан и остана запаметен како еден од најдобрите дефанзивци на сите времиња.


Фудбалскиот свет се прости од една од своите најголеми легенди. Франко Барези, иконата на Милан и поранешен капитен на италијанската репрезентација, почина на 66-годишна возраст. Неговото име останува нераскинливо поврзано со најуспешниот период во историјата на „росонерите“.

Франко Барези во првиот тим на Милан настапуваше од 1978 до 1997 година, поминувајќи цели 19 сезони во клубот. За Милан одигра 719 натпревари и освои низа трофеи, меѓу кои: шест титули шампион на Италија,три Купа на европски шампиони, три европски Суперкупа и два Интерконтинентални купа.

По завршувањето на кариерата, Милан во негова чест го повлече дресот со број 6, кој никој друг играч повеќе не го носеше.

Капитен на златната генерација

Барези беше лидерот на големата генерација на Милан која во доцните 80-ти и 90-ти години доминираше во европскиот фудбал.

Иако како дете навивал за градскиот ривал Интер, тој не добил шанса таму, а Милан го препозна неговиот талент и му овозможи да стане еден од најголемите играчи во историјата на клубот.

Италијанска легенда

За репрезентацијата на Италија Барези одигра 81 натпревар. Беше дел од тимот кој ја освои Светската титула во 1982 година, а во 1994 година како капитен ја предводеше Италија до финалето на Светското првенство во САД.

Токму финалето против Бразил остана еден од најтешките моменти во неговата кариера – Барези промаши пенал во серијата удари, а фотографијата од неговото разочарување стана една од најпознатите сцени во историјата на Мундијалите.

Последните години

Во последните години Барези имаше здравствени проблеми. Минатата година беше опериран поради промени на белите дробови, но остана близок со Милан и редовно го посетуваше „Сан Сиро“. На почетокот на 2026 година беше меѓу личностите кои го носеа олимпискиот пламен пред Зимските олимписки игри Милано-Кортина.

Фудбалскиот свет денес се збогува со човекот кој не беше само капитен на Милан, туку симбол за верност, лидерство и фудбалска елеганција.


е-Трн да боцка во твојот инбокс