Скопје и целата архитектонска заедница се збогува со Вера Ќосевска, која почина на возраст од 95 години. Вера Ќосевска беше една од најзначајните архитекти на Скопје со 103 објекти зад себе, кои го обликуваа ликот на нашиот град.
Ќосевска беше една од главните архитекти ангажирани за изградбата на Градскиот ѕид на Скопје, историски и културен симбол на градот. Нeјзината работа на овој објект е особено значајна, бидејќи таа го интегрирала современиот архитектонски стил во традиционалната градска визија.
Нејзините проекти вклучуваа не само јавни згради и станбени комплекси, туку и уникатни простори кои ги збогатуваат урбаните средини. Вера Ќосевска беше позната по својот уникатен стил и посветеност кон зачувувањето на културното наследство, истовремено инкорпорирајќи современи архитектонски трендови.
Станбените блокови се подигнати според проектите на авторскиот тим составен од: Н. Богачев, С. Ѓуриќ, Љ. Маленкова, А. Серафимовски, С. Симоски и В. Ќосевска.

Проектот на Градскиот ѕид на кој работеше Ќосевска претставуваше одличен пример за интеграција на историските и модерните елементи во урбаното планирање, што дало нов живот на овој значаен споменик и го направило значаен дел од современата архитектура на Скопје.
По големиот земјотрес во 1963 година, Скопје се соочуваше со потреба за значителни урбанистички промени. Меѓународниот конкурс за нов урбанистички план за центарот на градот, кој беше распишан во 1965 година, го привлекол вниманието на бројни архитекти од цел свет. Проектот на јапонскиот архитект Кензо Танге ја добил првата награда и бил клучен за реконструкцијата на Скопје. Танге ја предложил концепцијата на Градскиот ѕид како значаен дел од неговиот план, кој се одликува со современ и функционален пристап во обнова на градот.
Градскиот ѕид е составен од поврзани блокови. Овие објекти се распоредени десно од реката Вардар и создаваат една вид на прстенеста рамка околу централното градско јадро. Композицијата вклучува блокови со станбени кули кои овозможуваат функционална разноликост. Помеѓу овие структури се наоѓаат зелени површини, детски игралишта и простори за одмор.
Архитектонска концепција и организација
Проектот на Кензо Танге, иако доживеал значителни измени од првичната замисла, останал верен на својата основна идеја: создавање на нов урбанистички идентитет за Скопје. Внатрешната организација на Градскиот ѕид вклучува околу 1814 станови за приближно 7800 корисници, со различни типови на станови и помошни простории како простории за состаноци, работилници и паркинг места. Планирано е создавање на комерцијални содржини и пасажи кои овозможуваат интеракција помеѓу предниот и задниот дел на структурата.
Проектот на Градскиот ѕид претставува една од најмаркантните структури на Кензо Танге за центарот на Скопје, кој и покрај бројните измени, ја задржал својата симболика и метафоричка претстава. Танге имал намери да ја зачува старото Скопје и да го интегрира во новиот урбанистички план. Според сведочењето на неговиот син, Пол Танге, проектот вклучувал планиран мост кој ќе го поврзува Градскиот трговски центар со новата Железничка станица, но овој аспект не беше реализиран.
Од пребогатиот опус на Вера Ќосевска на реализирани објекти позначајни се:
Судската зграда во Охрид, 1961
Здравствен дом во Струмица, 1963
Населба “11 Октомври” во Скопје, 1964
Болница во Куманово, 1964
Општа болница во Струмица, 1966
Гинекологија – Чаир во Скопје, 1966
Педагошка академија во Штип, 1966
Блокови Градски ѕид – Скопје, 1968
Противпожарен дом во Скопје, 1969
Комплекс Москва (до скоро Интекс)– Скопје, 1969
Театарот на народностите во Скопје (денес Албански театар), 1969
Градски ѕид во Скопје, 1971
Хотел „Панорама“ во Радовиш, 1974
Стоковна куќа во Куманово, 1975-76
Хотел „Југо“ во Гевгелија, 1977
Здравствен дом – Валандово, 1982
Месна заедница „Живко Брајковски“ во Скопје
Полициска станица Гази Баба – Скопје, 1985Здравствен дом во Струмица;
Педагошка академија (со арх. Љ. Маленкова) во Штип.