Дали смеете да јадете побелена чоколада?

Белузлавиот слој на чоколадата најчесто е последица на неправилно чување, а не знак дека производот е расипан.

Ако сте отвориле бонбониера или чоколадо и сте забележале белузлав слој на површината, тоа не мора да значи дека производот е расипан. Во најголем дел од случаите станува збор за природна промена која се појавува поради неправилно чување, промена на температурата или контакт со влага.

Белата површина на чоколадата најчесто се јавува поради две причини: издвојување на какао-маслото или издвојување на шеќерот. Кога чоколадото е изложено на нагли температурни промени, на пример од ладно во топло, маснотиите можат да излезат на површината и да создадат белузлав слој.

Сличен ефект може да се појави и кога чоколадото било чувано во влажна средина или во фрижидер. Во тој случај влагата влијае врз шеќерот, кој по сушењето останува како тенок светол слој на површината.

Иако ваквата чоколада може да изгледа помалку привлечно, тоа не е знак дека е небезбедна за јадење. Ако рокот на траење не е истечен, ако нема чуден мирис, вкус или траги од мувла, чоколадата најчесто може да се консумира без проблем.

За да се избегне побелување, чоколадото најдобро е да се чува на суво и ладно место, на температура од околу 15 до 20 степени. Фрижидерот не е најдобар избор, бидејќи влагата и температурните разлики можат да го забрзаат токму овој процес.

Белузлавиот слој, значи, повеќе е естетски проблем отколку знак на расипување. Чоколадата можеби нема да има совршена текстура и изглед, но тоа не значи дека мора веднаш да заврши во корпа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни