По јавното видео на ќерката, пациентот од Куманово сепак е упатен во болницата во Демир Хисар

Човекот за кого неговата ќерка јавно побара итна институционална помош, откако семејството со години, според нејзиното сведоштво, живеело во страв, е упатен на лекување во Психијатриската болница во Демир Хисар. Случајот повторно го отвора прашањето: дали за институциите да реагираат, жртвите мора прво јавно да ја изложат својата траума?

Пациентот од Куманово, за кого неговата ќерка преку видео на социјалните мрежи побара итна помош, е упатен од кумановската болница кон Психијатриската болница во Демир Хисар.

Според објавените информации, претходно семејството било информирано дека нема место за негово сместување во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци. По јавниот апел, сепак било пронајдено решение пациентот да биде хоспитализиран во Демир Хисар.

Со години барале помош

Физиотерапевтката Меланија Цветковска од Куманово во своето видео изјави дека таа, нејзината мајка и баба ѝ живеат во постојан страв од нејзиниот татко, за кого тврди дека е зависен од алкохол, има ментални нарушувања и повеќепати им се заканувал.

Таа посочи и дека во домот живее нејзиниот брат, кој има церебрална парализа, а куќата е приспособена за неговите потреби и за користење инвалидска количка. Поради тоа, како што рече, советите семејството едноставно да се исели не претставуваат реално решение.

Цветковска тврдеше дека нејзиниот татко и претходно бил хоспитализиран во психијатриски установи, но дека семејството повеќепати било одбивано кога повторно барало помош – со образложение дека нема слободно место или дека состојбата не била проценета како доволно сериозна за прием.

Институциите реагираа дури по јавниот апел

Случајот доби институционална разрешница дури откако видеото се прошири на социјалните мрежи и во медиумите.

Тоа што пациентот конечно е упатен на лекување е важно за безбедноста на семејството, но останува неодговорено прашањето зошто такво решение не било пронајдено претходно – кога семејството, според сведоштвото на Цветковска, барало помош по редовен институционален пат.

Жртвите на семејно насилство не би требало да собираат прегледи, споделувања и јавен притисок за да добијат заштита. Нивната безбедност не смее да зависи од тоа дали нивната приказна ќе стане вирална.

Во овој случај, јавното видео доведе до реакција. Но останува прашањето што се случува со луѓето кои немаат јавна видливост, поддршка на социјалните мрежи или сила својата семејна траума да ја изложат пред целата јавност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс