Повеќе од 1.000 работници од јавните претпријатија и службите на Скопје се ангажирани на терен по силното невреме што попладнево го зафати главниот град, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Според него, екипите реагирале веднаш по поројниот дожд, ветерот и градот, а со брза и координирана интервенција биле спречени поголеми последици.
„Повеќе од 1.000 луѓе се на терен. Сите булевари се проодни, а најважно од сè – нема човечки жртви“, објави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека службите ќе останат целосно мобилизирани во текот на целата ноќ и ќе интервенираат секаде каде што ќе има потреба, сè до целосна нормализација на состојбата. Градоначалникот додаде дека е во постојана координација со градоначалниците на скопските општини, како и со сите надлежни институции, со цел навремено справување со последиците од невремето.
Во својата порака до граѓаните, Ѓорѓиевски апелираше на смиреност и истакна дека нема простор за паника, нагласувајќи дека градските служби остануваат на терен за да обезбедат безбедност и помош таму каде што е најпотребно.