По масовните протести Зеленски го разреши Сирски: Поставен нов генерал на чело на украинската армија

По неколкудневни протести поради смената на министерот за одбрана Михаило Федоров, украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши врховниот командант Олександар Сирски и назначи нов командант.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши врховниот командант на вооружените сили, генерал Олександар Сирски, по неколкудневните масовни протести што избија по смената на министерот за одбрана Михаило Федоров.

Отстранувањето на Федоров минатата недела предизвика силни реакции во јавноста и во армијата, откривајќи сериозни несогласувања околу стратегијата на Украина во војната со Русија. Зеленски во меѓувреме му понуди нова висока владина функција, која би му овозможила да го координира технолошкиот развој на државата, но засега не е познато дали Федоров ја прифатил понудата.

Триесет и петгодишниот Федоров беше препознатлив по воведувањето иновативни решенија во одбраната, особено во развојот и употребата на беспилотни летала, кои имаа значајна улога во забавувањето на руските офанзиви и нападите врз воени цели длабоко на руска територија. По протестите и сè погласните критики, започнаа шпекулации за иднината на Сирски. Во понеделникот Зеленски одржа средба со највисоките украински генерали, а Генералштабот порача дека „гласот на општеството е слушнат“.

Во ретко јавно обраќање, Сирски изјави дека жали доколку го навредил Федоров и нагласи дека ја поддржува модернизацијата на армијата, но предупреди дека не може за кратко време целосно да се промени начинот на водење на војната.

„Не можам да сменам армија од милион луѓе со беспилотни летала за два месеци и да кажам: ‘Сега вака ќе се бориме’. Таков експеримент би бил неодговорен и на штета на државата и народот“, порача Сирски.

Нов врховен командант на украинската армија ќе биде Михаило Драпати, досегашен командант на Здружените сили на Украина. Новата кадровска промена доаѓа во период кога Киев се обидува да ја стабилизира политичката и воената ситуација, но и да ја задржи довербата на јавноста во услови на продолжена војна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс