Главниот град вечерва ќе го отвори најдолгото и најбогато културно лето во земјата. Со свечениот концерт „Аманет во свила – Звуците на Македонија од Византија до денес“ започнува 47. издание на фестивалот „Скопско лето“, манифестација која речиси половина век е еден од најпрепознатливите симболи на културниот живот во Скопје.
Отворањето е закажано за 20:30 часот во Националната установа Музеј на македонската борба за самостојност, каде публиката ќе има можност да ужива во уникатен музички проект што ги поврзува византиското наследство, ориенталните влијанија и современиот музички израз.
На сцената ќе настапи Камерниот гудачки оркестар „Полифонија“ заедно со солистот Петар Христов, а како специјални гости ќе се појават Ана Митовска, Горан Трајкоски, Гоце Ристовски, Александар Ицковски и Симон Облешевски.
Покрај музичката програма, посетителите ќе можат да ја разгледаат и изложбата „Ризница на постоењето – од документ до историја“, организирана од Државниот архив на Македонија по повод 75 години од неговото постоење. На изложбата ќе бидат претставени дел од најзначајните архивски документи кои сведочат за историскиот и културниот развој на Македонија.
Изложбата ќе биде отворена до 24 јуни и ќе им овозможи на посетителите да погледнат ретки документи што се чуваат во Централниот архив и неговите подрачни одделенија. Со богата програма исполнета со музика, театар, изложби и други културни содржини, „Скопско лето“ и оваа година ќе ја претвори македонската метропола во голема сцена под отворено небо.