Пленковиќ во ОН: Почестите за Младиќ во Белград се навреда за жртвите

Официјалните почести за осудениот воен злосторник се спротивни на европските вредности кон кои Србија вели дека стреми.
Фото: EPA/OLGA FEDOROVA

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Њујорк, за време на обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации, директно ја критикуваше официјален Белград поради неодамнешниот испраќај на Ратко Младиќ со државни почести. Тој порача дека европската иднина на регионот зависи од искрениот однос кон минатото и дека чествувањето на осудени воени злосторници претставува директна навреда за семејствата на жртвите и за одлуките на меѓународните судови.

Зборувајќи за проширувањето на Европската унија кон Југоисточна Европа, хрватскиот премиер наведе дека процесот мора да почива врз заслуги, но и врз целосно прифаќање на одговорноста за минатите конфликти.

„Помирувањето станува возможно само кога ќе се признае одговорноста за злосторствата од минатото и ќе се отфрли нивното величање. Тој стандард не дозволува национални исклучоци“, рече Пленковиќ од говорницата на ОН.

Тој потсети дека Младиќ е правосилно осуден за геноцидот во Сребреница, како и за масовни разурнувања и цивилни жртви во Хрватска. Учеството на државни претставници на Србија во оддавањето почести, според него, е во целосен судир со вредностите на Европската унија.

Пленковиќ дел од своето излагање посвети и на внатрешната состојба во Босна и Херцеговина, оценувајќи дека хрватскиот народ во таа земја се соочува со ускратена легитимна застапеност во државните институции, вклучително и во тричленото Претседателство.

Според шефот на хрватската влада, таквата ситуација директно му противречи на духот на Дејтонскиот мировен договор и внесува непотребна нестабилност.

Решението, додаде тој, не лежи ниту во поделби ниту во доминација на еден народ врз друг, туку во изборна реформа која истовремено ќе ги заштити индивидуалните права на секој граѓанин и ќе го врати принципот на легитимна застапеност на конститутивните народи.

Осврнувајќи се на актуелните глобални кризи, руската воена агресија врз Украина и конфликтот на Блискиот Исток, хрватскиот премиер побара темелно почитување на меѓународното право, нарекувајќи го граница меѓу редот и тиранијата за сите мали и средни држави.

Пленковиќ се заложи за поефикасен и финансиски одржлив систем на Обединетите нации, нагласувајќи ја потребата од реформирање на Советот за безбедност за тој да стане порепрезентативен.

Тој упати благодарност до генералниот секретар Антонио Гутереш, чиј втор мандат истекува на крајот од годината, подвлекувајќи дека изборот на неговиот наследник ќе има пресудно значење за кредибилитетот на светската организација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс