„Plastic Dreams“ од Jaydee е една од хаус химните што успеа да ја надмине сопствената ера. Родена е во 1992, во време кога електронската музика експлодира низ Европа и клубовите стануваат нови катедрали на младата генерација. Зад името Jaydee стои холандскиот DJ и продуцент Robin Albers, кој по години зад пулт и на радио решава сериозно да се фрли во продукција. Компјутер Atari, основни пијано-часови, мало студио и инспирација му беа доволни да ја сними траката што ќе му го промени животот.
Хипнотичен органски хаус грув
„Plastic Dreams“ не е класична песна: нема вокал, нема рефрен за пеење, нема поп-структура. Наместо тоа, гради цел свет околу еден хипнотички органски риф што постојано се ниша над стабилен хаус грув. Барабаните се минимални, басот пулсира, а електронскиот сајзер свири како жив музичар. Во клучен момент, длабок гонг го сече воздухот, како знак за сите на подиумот дека следува врвот на вечерта. Иако првично е наменета за клубови, песната брзо се шири преку R&S Records, влегува во сетови на големи DJ-и, стигнува до топ 10 во Обединетото Кралство и станува референца за тоа дека долга, инструментален трака може да биде масовно препознатлива.
Бизарната инспирација со Трамп
Најлудата точка во митологијата на „Plastic Dreams“ е приказната зад насловот. Девојката на Jaydee работела како стјуардеса и на еден лет во бизнис класа имала патник, Donald Trump, кој плаќал со platinum кредитна картичка, тогашен врвен статусен симбол. Картичката толку ги фасцинирала екипажот и патниците што циркулирала низ авионот, се покажувала како трофеј, дури завршила и во кокпит.
Jaydee бил маѓепсан од идејата дека едно пластично парче може да предизвика толку возбуда, толку проекции на туѓи соништа за моќ и богатство. Од тоа се раѓа „Plastic Dreams“, наслов што совршено ги спојува материјалните фантазии на platinum картичката со нематеријалните соништа што се живеат на подиумот.
Со години, песната се ремиксира, реиздава и останува омилен инструмент за DJ-и да градат долги, хипнотички моменти во сетовите. Не е хит за пеење, туку момент за губење: 10 минути во кои светлата се затемнуваат, басот се згуснува и знаеш дека си внатре во нешто што не е само песна, туку ритуал.
Сето ова ја прави „Plastic Dreams“ идеална за Трн серијалот “Monday Dance – Играј понеделнички”. Чиста електронска денс класика со силна клубска енергија и со апсурдно добра заднинска приказна во која Трамп ненамерно станува дел од легендата на еден хаус хит.