Астрономите првпат директно ја проучуваа површината на планета надвор од нашиот Сончев систем, користејќи го вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“. Откритието се смета за историски чекор во истражувањето на егзопланетите, бидејќи научниците досега најчесто ги анализираа нивните атмосфери, а не самата површина.
Во фокусот на истражувањето е егзопланетата LHS 3844 b, „супер-Земја“ оддалечена речиси 50 светлосни години, која е околу 30 проценти поголема од Земјата. Планетата орбитира околу студена црвена џуџеста ѕвезда за само 11 часа и е гравитациски заклучена, што значи дека едната страна постојано е свртена кон ѕвездата, а другата останува во вечна темнина.
Податоците од „Џејмс Веб“ покажале дека станува збор за темен, врел и пуст карпест свет без атмосфера, кој во многу нешта може да потсетува на Меркур. Температурата на осветлената страна достигнува околу 725 Целзиусови степени, а научниците велат дека ова е првпат директно да се чита геологијата на една далечна карпеста планета.
Истражувачите утврдиле дека површината најверојатно не личи на Земјината кора, богата со силициум и гранит, туку е доминирана од базалт, темна вулканска карпа богата со железо и магнезиум, каква што се среќава на Месечината и Меркур. Тоа укажува дека планетата веројатно содржи многу малку вода.
Научниците сега треба да утврдат дали површината на LHS 3844 b е млада и обликувана од вулканска активност или е покриена со темен материјал создаден од радијација и удари на метеорити. Дополнителните набљудувања со „Џејмс Веб“ би можеле да отворат нова фаза во проучувањето на карпестите светови надвор од Сончевиот систем.