Редовната исплата на пензиите не е доведена во прашање, уверува директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), Никола Мемов, откако Државниот завод за ревизија објави извештај во кој се посочуваат низа слабости во работењето на институцијата. Од ПИОМ нагласуваат дека финансиската стабилност на Фондот, исплатата на пензиите и остварувањето на здравствените права на пензионерите остануваат обезбедени со поддршка од институцијата и Владата.
Ревизорскиот извештај претходно покажа дека пензискиот систем и натаму не може целосно сам да ги покрива своите обврски и во голема мера зависи од средства што се префрлаат од државниот буџет. Според податоците за 2024 година, приходите од пензиски придонеси достигнале 71,4 милијарди денари, додека расходите за исплата на пензии изнесувале 90,2 милијарди денари. За надминување на разликата, од Буџетот биле префрлени 42,5 милијарди денари.
Мемов посочува дека ревизијата се однесува на период кога актуелното раководство го презело управувањето со Фондот дури во последниот квартал од 2024 година. Според него, дел од забележаните проблеми се наследени и биле констатирани и во претходни ревизорски извештаи. Тој истакнува дека слабостите поврзани со јавните набавки веќе се надминати, а воведени се и дополнителни механизми за контрола и следење на постапките.
Во врска со зголемените обврски кон Фондот за здравствено осигурување и пензиските друштва од вториот пензиски столб, од ПИОМ објаснуваат дека тие се директна последица на растот на пензиите во изминатиот период.
Од Фондот наведуваат дека пензиите на околу 347.000 корисници биле зголемени за вкупно околу 7.000 денари месечно, што автоматски довело и до повисоки обврски кои се пресметуваат како процент од исплатените пензии.
Сепак, ревизорите предупредуваат дека односот меѓу бројот на осигуреници и пензионери продолжува да се влошува. На крајот на 2024 година, на еден пензионер доаѓале само 1,63 осигуреници, што претставува дополнителен предизвик за долгорочната одржливост на пензискиот систем. Од ПИОМ соопштија дека ги прифаќаат препораките на ревизорите и веќе преземаат активности за нивно спроведување, додавајќи дека пензионерите ќе продолжат навремено да ги добиваат своите пензии и непречено да ги користат здравствените услуги.