Перфектно пролетен викенд: температури до 22 степени

Викендот носи повеќе сонце, умерена облачност и пријатни температури, со северен ветер што ќе биде поизразен долж Повардарието.

Во сабота времето ќе биде променливо облачно со сончеви интервали. Утринските температури ќе се движат од околу 4 до 11 степени, додека дневните ќе достигнат од 14 до 21 степен. Во југоисточните делови ќе има услови за краткотраен локален дожд проследен со ретки грмежи, но без значително влошување на времето.

Во недела е очекува слична, но малку постабилна временска слика. Утринските температури ќе бидат од 5 до 11 степени, а дневните ќе се искачат од 16 до 22 степени, што ќе донесе вистинско пролетно чувство низ земјата. Сончевите периоди ќе бидат поизразени, а облачноста умерена.

Во текот на целиот викенд ќе дува засилен, повремено силен ветер од северен правец, кој најмногу ќе се чувствува долж Повардарието и може благо да го намали субјективното чувство на температурата.

Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и засилен северен ветер. Температурата во сабота ќе се движи до околу 19 степени, додека во недела ќе достигне околу 21 степен.

Токму затоа, викендов би можел да донесе време какво што многумина го замислуваат кога велат „совршена пролет“. Не е премногу топло за да оттурне од сонце, ниту премногу студено за јакни и слоеви, туку доволно благо за прошетки, кафе на тераса и денови поминати надвор.

Сепак, оваа стабилност нема долго да трае. Од почетокот на следната недела се очекува повторно поизразена нестабилност со дожд и локални грмежи, па токму овој викенд може да биде најдобриот краток прозорец за уживање во умерените априлски температури.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни