Американската морнарица се соочува со сериозен финансиски дефицит поради воените операции против Иран, поради што Пентагон пренасочува пари наменети за плати за да ги покрие трошоците за борбените дејствија. Интерните меморандуми на Министерството за одбрана на САД покажуваат дека масовното трошење муниција и штетите од иранските противнапади ги испразнија воените фондови.
Интерниот допис од Пентагон предупредува на директни кусоци на сметките за плати на воениот персонал. Документот наведува дека Министерството за одбрана ги празни овие фондови за да обезбеди пари за тековните борбени операции и логистиката.
Поради недостиг на средства, воената команда ги одложи сите градежни и сервисни зафати на копнените објекти што не се оценети како итни. Ваквата одлука ја потврдија извори од морнарицата и претставници на воените добавувачи.
Пензионираниот поморски офицер Харлан Улман, член на Националната комисија за иднината на морнарицата, отворено ја опиша состојбата со воената каса. „Касичката е скршена“, изјави Улман, објаснувајќи дека интензивните дејствија целосно ги исцрпија редовните буџетски ресурси.
Американско-израелските операции потрошија огромни количества прецизни ракети и противвоздушна муниција. Во исто време, иранските ракетни противнапади врз стратешки бази на Блискиот Исток создадоа дополнителни, непредвидени трошоци за одбрана и санирање на штетите.
Морнарицата го понесе најголемиот финансиски товар уште од почетокот на воената кампања што ја покрена претседателот Доналд Трамп на 28 февруари. Покрај ракетните удари, морнаричките сили ја презедоа и одговорноста за спроведување на поморската блокада, што бара секојдневно и скапо ангажирање на ударни групи и разорувачи.
Белата куќа веќе побара од Конгресот итно одобрување на дополнителни буџетски средства, но додека траат политичките преговори, воениот врв дупките во касата ги крпи на сметка на основните примања на војниците.