Пелистер ја спасува моликата

Владата ја активираше експертската група која ќе работи на изнаоѓање долгорочни решенија за заштита и обновување на моликовите шуми на Пелистер, едно од највредните природни богатства во земјава и пошироко на Балканот.

Во работната група се вклучени претставници на институции од областа на шумарството, екологијата и науката, а нивна задача е до август годинава да подготват конкретни препораки и заклучоци кои ќе бидат доставени до Владата. Врз основа на тие насоки ќе се изработат стратешки документи и програми кои треба да започнат да се спроведуваат од 2027 година.

Планот предвидува подготовка на сеопфатна програма за заштита на моликовите насади, како и студија за обнова и ревитализација на шумите од молика, ендемски вид кој претставува симбол на Националниот парк Пелистер. Според директорот на Националниот парк Пелистер, Иванчо Тошевски, новите документи треба детално да ја утврдат здравствената состојба на шумите, причините за сушење и ослабување на дрвјата, како и мерките што ќе треба да се применуваат за одржливо управување со овој редок екосистем.

Потребата од ваква иницијатива произлезе по сериозните оштетувања што ги претрпе моликовата шума во текот на зимата 2024/2025 година, кога силните ветрови и обилните снежни врнежи урнаа и оштетија голем број стебла. Анализите покажаа дека дел од шумата е во фаза на стареење, а природното подмладување на одредени локации се одвива отежнато. Експертите предупредуваат дека времето е клучен фактор и дека е неопходно што побрзо да се донесат и спроведат мерки за заштита на шумскиот фонд. Дополнителен предизвик претставува фактот што станува збор за единствен шумски комплекс од молика на толкава површина на Балканот.

„Ситуацијата е комплексна бидејќи станува збор за специфичен и редок екосистем. Потребни се детални студии за да се утврди состојбата и да се дефинираат најефикасните мерки за негово зачувување“, посочи Благој Шурбевски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг при УКИМ.

Во изминатите 18 месеци, на површина од околу 100 хектари биле спроведени одгледувачки мерки, при што биле отстранети заболени и исушени стебла со цел да се создадат подобри услови за раст и природно обновување на шумата.Интересно е што моликата во меѓувреме покажува силен потенцијал за ширење. Како пионерски вид, таа забрзано се развива на отворените простори на Баба Планина и почнува да ги зафаќа и камените реки и морени – природни феномени поради кои Пелистер има посебна заштитена вредност.

Токму затоа идните стратегии ќе треба да најдат рамнотежа меѓу зачувувањето на моликовите шуми и заштитата на уникатните каменести предели, кои претставуваат препознатлив белег на Националниот парк Пелистер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс