Пеколниот бран продолжува и утре, од недела следува пороен дожд и заладување

Велес и Скопје денеска измерија 40 степени, викендот носи нов температурен врв, а од недела попладне следуваат локални невремиња со град.

Пеколниот бран во Македонија ќе го достигне својот максимум утре со дневни температури кои повторно ќе надминат 40 степени, по што од недела следува постепено разладување со пороен дожд, грмежи и локална појава на град. По денешните максимални 40 степени измерени во Велес и во Скопје на мерното место Зајчев Рид, синоптичарите најавуваат пресврт во временските прилики во втората половина од претстојниот викенд.

Саботата носи сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Дневните температури на повеќе места ќе се задржат блиску до 40-тиот степен, а локално повторно ќе го надминат овој праг. Попладне, претежно во планинските предели, ќе има услови за изолиран пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Во Скопје времето ќе остане многу топло со умерен северозападен ветер.

Промената на времето започнува во недела попладне. Иако максималните температури ќе се движат меѓу 33 и 40 степени, во попладневните часови ќе дојде до зголемување на облачноста проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Метеоролозите предупредуваат и на изолирано невреме со силен ветер и појава на град.

Нестабилното време ќе продолжи и во понеделник, 24 август, кога максималните температури ќе паднат во интервал од 31 до 38 степени. Ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, а во попладневните часови повторно ќе има услови за локално невреме со пороен дожд и град.

Од вторник следува стабилизација со свежи утра од 12 до 19 степени и максимални температури до 39 степени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс