Шумските пожари продолжуваат да се шират низ јужниот дел на Европа, ангажирајќи илјадници пожарникари, војници, противпожарни авиони и хеликоптери. Во Шпанија властите прогласија „вонредна состојба од национално значење“ за регионот околу Мадрид и покраината Авила, што овозможува државата да мобилизира дополнителни ресурси, луѓе и финансиски средства за справување со кризата.
Најголема загриженост предизвикува пожарот западно од Мадрид, кој излезе од контрола и се приближи до населени места. Поради опасноста, во четвртокот беа евакуирани околу 3.500 луѓе, а вкупниот број жители кои морале да ги напуштат своите домови во поширокиот регион на Мадрид достигна околу 10.000 лица.
Пожарите зафатија повеќе делови од земјата, а високите температури, сувата вегетација и силниот ветер дополнително ја отежнуваат работата на пожарникарите.
Франција бара европска помош
Сериозна е состојбата и во Франција, каде што неколку големи шумски пожари продолжуваат да беснеат. Најтешко е погоден атлантскиот брег во близина на Бордо, каде од средата се евакуирани околу 30.000 луѓе, главно од кампови и туристички комплекси.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Париз побара активирање на Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, бидејќи противпожарните служби во некои области се на граница на своите капацитети. Како помош се очекува да пристигнат противпожарни авиони и хеликоптери од Хрватска, Португалија, Чешка и Словачка.
Експертите предупредуваат дека комбинацијата од екстремни горештини, долготрајна суша и силни ветрови создава услови за брзо ширење на пожарите низ Медитеранот, кој и ова лето е меѓу најпогодените региони од климатските екстреми.