Пекол во Киев: Бројот на жртви по рускиот напад се искачи на 30, спасувачите извлекуваат нови тела од урнатини

Бројот на загинати во рускиот ракетен и дронски напад врз Киев се искачи на 30. Спасувачките екипи продолжуваат со извлекување тела од урнатини во населбата Дарницки, додека операциите за пребарување сè уште траат.

Бројот на жртви во масовниот руски напад врз украинската престолнина Киев се зголеми на најмалку 30, откако спасувачките екипи извлекоа уште три тела од урнатините на станбена зграда во населбата Дарницки. Државната служба за вонредни ситуации на Украина потврди дека операциите за пребарување и расчистување продолжуваат, додека стравувањата дека под урнатините има уште заробени лица остануваат високи.

Според првичните информации, во ноќта меѓу 1 и 2 јули руските сили извршиле масовен комбиниран напад со дронови и ракети лансирани од воздух, копно и море. Украинската противвоздушна одбрана успеала да пресретне голем дел од целите, но дел од проектили и дронови сепак ја пробиле одбраната и погодиле станбени и инфраструктурни објекти.

Најтешко погодена била населбата Дарницки, каде директен удар целосно уништил деветкатница. Десетици станови се претворени во урнатини, а спасувачите со денови пребаруваат низ бетон и метал во потрага по преживеани.

Украинските власти наведуваат дека само во Киев се погодени повеќе од 130 локации, меѓу кои станбени згради, медицински објекти и јавни институции. Претседателот на Украина, Зеленски го посети местото на нападот и им оддаде почит на жртвите, додека локалните служби продолжуваат со расчистување на една од најразорните сцени по последните воздушни напади.

е-Трн да боцка во твојот инбокс