Пекол во Франција: Евакуирани повеќе од 20.000 луѓе, пожарите голтаат илјадници хектари

Во гаснењето учествуваат околу 700 пожарникари, кои непрекинато се борат со огнената стихија. Голем дел од евакуираните се туристи сместени во камповите на полуостровот Леж-Кап-Фере.

Повеќе од 20.000 луѓе се евакуирани од југозападниот дел на Франција поради големите шумски пожари што продолжуваат неконтролирано да се шират низ департманот Жиронда, јавува Би-Би-Си. Пожарот досега зафатил околу 3.400 хектари земјиште во близина на заливот Аркашон, а француските власти првично евакуираа 12.000 лица, по што на безбедно беа преместени уште 8.800 жители и туристи.

Во гаснењето учествуваат околу 700 пожарникари, кои непрекинато се борат со огнената стихија. Голем дел од евакуираните се туристи сместени во камповите на полуостровот Леж-Кап-Фере. Префектката на Жиронда, Софи Брокас, изјави дека меѓу евакуираните има околу 10.000 посетители од камповите и потврди дека евакуацијата се одвива без поголеми инциденти и без повредени. Од безбедносни причини затворени се повеќе шумски патишта и туристички локации.

Командантот на противпожарната служба во Жиронда, Марк Вермелен, предупреди дека временските услови дополнително ја усложнуваат ситуацијата.

„Температурите растат, а ветерот се засилува. Очекуваме многу променливи воздушни струења, што го прави ширењето на пожарот тешко предвидливо. Не смееме да ја намалиме претпазливоста“, изјави Вермелен.

На почетокот на неделата, двајца пожарникари загинаа при гаснење на друг голем пожар во близина на аеродромот во Бордо. Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез им оддаде почит, изразувајќи сочувство и поддршка за нивните семејства. Жителите сведочат за драматични сцени. Деветнаесетгодишната Јасмина де Фреитас од крајбрежниот град Ле Порж раскажа дека чадот и мирисот на горење се почувствувале уште напладне, а до вечерта од небото паѓале пепел и изгорени парчиња кора од дрвја.

„Небото беше целосно затемнето од чадот. Моравме набрзина да го напуштиме домот и не успеавме да ги пронајдеме двете мачки и четирите кокошки“, изјави таа.

Новинарката на Би-Би-Си, Џо Кент, која престојувала во камп во погоденото подрачје, опиша дека главниот пат на полуостровот бил речиси празен, а во локалните продавници владеела необична тишина додека туристите масовно ја напуштале областа.

Во исто време, големи шумски пожари беснеат и во Шпанија и Италија. На Сицилија загина пожарникар додека интервенирал на пожар во Сан Каталдо, а властите соопштија дека на островот се регистрирани повеќе од 350 пожари, од кои десет се класифицирани како големи. Во Шпанија, жителите постепено се враќаат во селото Алморокс кај Толедо, иако пожарот сè уште не е целосно ставен под контрола. Досега таму изгореле околу 890 хектари, додека најголемиот шумски пожар годинава, северно од Мадрид, уништил повеќе од 35.000 хектари.

Екстремните топлотни бранови што ја погодија Европа ова лето придонесоа за рекорден број шумски пожари. Според извештајот на европската служба „Коперник“, Европа останува континентот што најбрзо се затоплува, а 2025 година донесе рекордни температури и рекордно уништени површини од шумски пожари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс