Организацијата на обединети нации го прогласи 30 јуни за Меѓународен ден на парламентаризмот во 2018 година, со цел да ја афирмира улогата на парламентите како темел на демократијата. Идејата е едноставна: граѓаните се претставени преку избраните пратеници; законите ги донесуваат луѓе кои зборуваат во нивно име. Но реалноста е посложена.
Ако го погледнете составот на просечниот светски парламент или конкретно македонското Собрание, ќе забележите дека „сите граѓани” во пракса најчесто значи: мажи, припадници на мнозинскиот етнос, без јавно декларирана сексуална ориентација и во голема мера без лично сеќавање на тоа кога им биле 25 години.
Колку рално четирите групи кои системски се потпретставени, младите, жените, ЛГБТИ+ заедницата и малцинствата и прашува го имаат зборот?

Млади во парламент: биолошки факт наспроти политичка реалност
Светскиот просек на пратеници под 30 години е 2,6%, според Меѓупарламентарниот сојуз (IPU, 2024). Под 45 години се нешто над 25%. Во момент кога генерациите Y и Z заедно сочинуваат повеќе од половина од светското население, тие имаат помалку од еден на секои 38 места во светските законодавни тела.
Причините се структурни, не случајни. Изборните системи во повеќето земји бараат финансии, мрежи и партиски стаж, ресурси со кои младите луѓе системски не располагаат. Партиските листи ги наградуваат лојалноста и долгогодишното членство. Неплатените пракси и волонтерскиот политички ангажман се достапни само за оние кои можат да си го дозволат тоа.
Во Македонија, Собранието брои 120 пратеници. Просечната возраст константно се движи над 45 години. По изборите во 2024 година, пратениците под 35 години може да се избројат на прсти.
Кенија е исклучок вреден за спомнување: уставно е загарантирано дека ниедна возрасна или родова група не може да зазема повеќе од две третини од местата во парламентот. Резултатот е еден од најмладите парламенти во светот. И тоа не е случајност , туку политичка одлука.
Жени во парламент: бавен напредок со многу исклучоци
Светскиот просек на жени во парламентите изнесува 26,9% (IPU, почеток на 2026). Тоа е историски рекорд — и сепак е далеку под 50%, колку жени ги сочинуваат граѓаните. Земјите со највисока застапеност имаат еден заеднички именител: задолжителни родови квоти, уставни или изборни. Руанда (61%), Исланд (47,6%), Шведска (46,4%), Нов Зеланд (50,3%) не стигнале до тие бројки со природна еволуција, туку со свесна законодавна интервенција.
На спротивниот крај: Јемен (0,3%), Папуа Нова Гвинеја (4%), Иран (5,5%).
Македонија тековно стои на околу 38–40% жени во Собранието, благодарение на изборниот закон кој бара секое трето место на листата да биде за жена. Тоа е над светскиот просек и тоа е резултат на квота, не на спонтана инклузија. Критичарите посочуваат дека жените пратеници во Македонија сè уште ретко ги добиваат клучните функции: претседател на Собрание, раководители на буџетски или безбедносни комисии. Присутноста не значи автоматски и влијание.
Поголемиот проблем, според истражувањата на IPU е дека жените пратеници се несразмерно почесто цели на заканувања, вознемирување и дигитално насилство. Речиси 82% пријавиле психолошко насилство во текот на мандатот. Ова е структурен одвраќач за идните кандидатки.
ЛГБТИ+ во парламент: бројките кои ретко се бројат
Нема официјална меѓународна база на податоци за ЛГБТИ+ пратеници, затоа што во голем дел од светот, јавното декларирање е ризично како правно, така физички или политички.
Организацијата ILGA World во своите годишни извештаи бележи дека 70 земји сè уште ја криминализираат хомосексуалноста. Во 12 земји и со смртна казна. Во такви услови, прашањето за ЛГБТИ+ претставеност во парламент е всушност прашање за основна безбедност. Во земјите каде декларирањето е безбедно, бројките се подобруваат: Западна Европа, Канада, Нов Зеланд, дел од Латинска Америка бележат рекорден број ЛГБТИ+ законодавци. Во САД, 11-тиот конгрес (2025–) е историски со 11 отворено ЛГБТИ+ сенатори и претставници.
Во Македонија нема ниту еден јавно деклариран ЛГБТИ+ пратеник. Ова не значи дека таков не постои, туку дека политичкото и општественото опкружување не создава услови за безбедно декларирање. Македонија го нема ратификувано правото на истополови заедници, а ЛГБТИ+ прашањата во Собранието редовно завршуваат со реторика која е дијаметрално спротивна на принципите на рамноправност. Законите кои ги уредуваат правата на оваа заедница практично стагнираат со децении.
Претставеноста и законодавниот напредок се поврзани: истражувањата покажуваат дека парламентите со декларирани ЛГБТИ+ членови усвојуваат повеќе заштитни закони и ретко донесуваат дискриминаторски такви.
Малцинства во парламент: претставеност со или без реална моќ?
Етничките, религиозните и јазичните малцинства во светот честопати се жртви на двоен парадокс: или не се претставени воопшто или се претставени во посебни резервирани колони кои немаат реална законодавна тежина.
Индија, со своите 22 официјални јазика и стотици етнички групи, резервира места за Scheduled Castes и Scheduled Tribes но критичарите велат дека тоа создава симболична инклузија без структурна промена. Во Велика Британија, темнопутите Британци сочинуваат 14% од популацијата, а 10% од пратениците подобро отколку порано, но уште нерамноправно.
Во Македонија, Охридскиот рамковен договор (2001) де факто создаде систем на етничка поделба на власта: Македонци и Албанци ја делат извршната и законодавната власт преку коалициски аранжмани. Тоа обезбеди претставеност за Албанците (20–25% од пратениците), но останатите малцинства Роми, Срби, Власи, Турци, Бошњаци — се системски потпретставени.
Особено алармантна е состојбата со Ромите: со проценети 2,5–9% од македонското население (официјалните и реалните бројки значително се разликуваат), Ромите имаат историски еден до два пратеника — кога воопшто и имаат. Ромските заедници живеат со највисоки стапки на невработеност и сиромаштија во земјата, а нивниот законодавен глас е речиси невидлив.
Демократијата не е само изборен процес
Парламентаризмот, во својата идеална форма, ветува нешто моќно: дека секој глас е еднаков, дека секој граѓанин е претставен. Меѓународниот ден на парламентаризмот ја чествува таа идеја. Но идеите без бројки се само пропаганда.
Кога 26,9% жени, 2,6% млади под 30, нула декларирани ЛГБТИ+ лица во повеќето парламенти, и системски маргинализирани малцинства ги сочинуваат „претставниците на сите граѓани” легитимно е да се праша: чиј глас навистина се слуша кога се гласа?
Одговорот бара политичка волја: квоти, законска заштита, финансирање на инклузивно учество, и пред сè — спремност на оние кои моментно ја поседуваат моќта да ја поделат, инаку, 30 јуни ќе биде само уште еден ден во календарот на ОН.