„Охридско лето“ понуди четири џез вечери на кои настапија домашни и меѓународни изведувачи. На сцените на Долни Сарај и во црквата „Света Софија“, публиката следеше концерти што споија џез со фолклор, византиско пеење и африкански ритми. Според раководството на фестивалот, воведувањето на овој жанр е одговор на барањата на публиката и претставува природно проширување на фестивалската програма.
Џез сегментот на фестивалот заврши со настапот на британскиот бенд „Киото“, составен од пијанистот Рохан Хит и вокалистката Лу Роудс. Нивниот концерт на Долни Сарај донесе авторски композиции кои ги рефлектираат нивните заеднички музички искуства.

Претходната вечер на истата сцена настапи Питер Сомуа од Гана со својот состав, изведувајќи програма базирана на спој меѓу џезот и африканските ритми. Истата вечер, по Сомуа, сцената ја презеде британската саксофонистка Нубаја Гарсија заедно со Лајл Бартон, Макс Лутерт и Сем Џонс, кои ги комбинираа џезот, класичната музика, дабот, R&B и афро-карипските звуци.

На 14 август програмата започна со концертот „Македонски сновиденија“ на Националниот џез оркестар под диригентство на Владимир Николов, каде како специјален гостин настапи трубачот Питер Сомуа. Вечерта продолжи со проектот „Storytales“ на Dine Doneff, кој во соработка со Харис Ламбракис и Кирјакос Тапакис изведе композиции инспирирани од македонското народно поетско наследство.

Отворањето на џез програмата му припадна на македонскиот гитарист и композитор Крсте Роџевски, кој живее и работи во САД. Во црквата „Света Софија“, Роџевски заедно со Христијан Моневски, Дамјан Палоски, Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски премиерно го изведоа проектот „Orthodoxia Kai Thanatos“, во кој се испреплетуваат византиското црковно пеење и експерименталниот џез.
Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека воведувањето на џез жанрот го збогатува фестивалскиот концепт без да го наруши традиционалниот идентитет на манифестацијата.