На Кипар денеска гласаат 568.587 граѓани на парламентарни избори на кои учествува рекорден број партии, коалиции и независни кандидати. Од нив ќе бидат избрани 56 пратеници во Парламентот, додека анкетите најавуваат значајни промени во политичката сцена.
Иако Парламентот има ограничени овластувања, бидејќи извршната власт ја има претседателот на државата, парламентарните избори се клучни за политичката клима во земјата, особено во услови на геополитички и економски предизвици поврзани со Блискиот Исток.
Политички контекст и улога на Парламентот
Парламентот на Република Кипар има важна улога во носењето закони, усвојувањето на буџетот и контролата на владините политики. Од вкупно 80 места, активни се 56, бидејќи местата резервирани за кипарските Турци остануваат празни.
Анкетите покажуваат пад на поддршката за двете главни партии: Демократски собир (ДИСИ) и Прогресивна партија на работниот народ (АКЕЛ)
И покрај падот, се очекува тие да останат први две политички сили, со минимална разлика меѓу нив.
ДИСИ, која е централно-десничарска и проевропска партија, во претходниот состав имала 17 пратеници. АКЕЛ, левичарска и силно поддржана од синдикатите, имала 14 пратеници.
Подем на радикалната десница
Значаен раст бележи радикално десничарската партија Национален народен фронт (ЕЛАМ), која според анкетите може да освои над 10% од гласовите и да стане трета политичка сила.
ЕЛАМ првпат влезе во Парламентот во 2016 година, а претходно имаше двајца пратеници. Партијата во минатото беше поврзувана со грчката крајно десничарска Златна зора.
Нови политички играчи
Меѓу новите партии кои би можеле да влезат во Парламентот се: Директна демократија, предводена од 26-годишниот јутјубер и европратеник Фидијас Панајоту и партијата АЛМА, предводена од поранешниот државен ревизор Одисеас Михаилидис.
Овие партии би можеле да освојат значителен дел од гласовите и да влијаат на преструктуирањето на политичкиот систем.
Можен најголем политички пресврт од 1974 година
Политикологот Јанос Кацуридис од Универзитетот во Никозија оценува дека изборите може да претставуваат најголем политички пресврт од 1974 година. Тој предупредува на трендови како намалена излезност и значајно преструктуирање на партискиот систем, со влез на нови политички актери.
Гласањето се одржува на 1.217 избирачки места, од 7:00 до 18:00 часот, со пауза од 12:00 до 13:00 часот.
Во странство се отворени 13 избирачки места: 5 во Атина, 3 во Солун,, 4 во Лондон и едно во Брисел
Околу 9.000 лица се ангажирани во изборниот процес, вклучително и 2.100 полицајци
Кипар е членка на Европската Унија од 2004 година и на еврозоната од 2008 година. Парламентарните и претседателските избори се одржуваат на секои пет години. Во 2023 година за претседател беше избран Никос Христодулидис како независен кандидат. Изборните резултати се очекува да бидат објавени до 21:30 часот.