Парламентарни избори на Кипар: победа на ДИСИ и раст на радикалната десница ЕЛАМ

На парламентарните избори на Кипар, централно-десничарската ДИСИ остана прва политичка сила, додека радикално-десничарската ЕЛАМ бележи значителен раст и станува трета партија во парламентот, кој ќе има шест застапени партии.

Централно-десничарската Демократски собир (ДИСИ) излезе како победник на парламентарните избори на Кипар, освојувајќи 27,1 отсто од гласовите и задржувајќи ја водечката позиција во парламентот. Според првичните резултати со речиси целосно преброени гласови, во новиот состав на законодавниот дом ќе влезат шест партии.

Главната опозициска сила, левичарско-социјалистичката АКЕЛ, остана втора по големина партија со 23,9 отсто од гласовите и 16 пратенички места, што претставува пораст во однос на претходниот парламентарен состав. Значителен раст бележи и радикално-десничарската Национален народен фронт (ЕЛАМ), која со 10,9 отсто од гласовите станува трета политичка сила во земјата и добива седум пратенички места.

Четвртото место го зазема Демократската партија (ДИКО), додека во парламентот влегуваат и две нови политички партии. Станува збор за Директна демократија, предводена од 26-годишниот јутјубер и европратеник Фидиа Панајоту, како и партијата АЛМА, основана од поранешниот генерален ревизор на Кипар, Одисеас Михаилидис. Двете нови партии ќе имаат по четворица пратеници.

Кипарскиот парламент има 56 активни пратенички места од вкупно 80, бидејќи местата резервирани за турско-кипарската заедница остануваат празни. Излезноста на изборите изнесуваше околу 67 отсто. Иако парламентот на Кипар има ограничени извршни надлежности, тој игра важна улога во донесувањето закони, усвојувањето на буџетот и надзорот врз владините политики.

е-Трн да боцка во твојот инбокс