Нови правила за паркирање во Центар: првото возило бесплатно, третото ќе се третира како луксуз

Општина Центар и ЈП ПОЦ воведуваат нов модел за паркирање со едно бесплатно место по стан, со цел да се намалат злоупотребите и притисокот врз паркинг-просторот.

Општина Центар и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ го бранат новиот модел за паркирање како обид да се воведе ред во една од најоптоварените скопски општини, каде бројот на издадени дозволи е многу поголем од реалниот број паркинг-места.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, изјави дека првото возило за жителите останува бесплатно, но дека второто и третото возило создаваат дополнителен притисок врз системот.

Според него, не е одржливо на една станбена единица да има три или четири автомобили, а истовремено секој жител да очекува слободно место пред домот.

Герасимовски посочи дека во Центар има речиси 15.800 издадени одобренија, односно налепници, наспроти околу 6.100 паркинг-места. Тој нагласи дека новиот правилник е изработен по анализа што траела година и половина, како и по средби со граѓани.

Целта, според општината, е да се спречат злоупотреби, фиктивни адреси и користење повластувања од лица кои реално не живеат во Центар.

Новите правила треба да им дадат приоритет на жителите кои имаат едно возило и реална потреба да паркираат во близина на местото на живеење.

Од ЈП ПОЦ најавуваат дека приходите од наплатата ќе се користат за одржување, обележување, осветлување, контрола и модернизација на паркинг-просторот.

Според општината, новиот модел не е насочен кон казнување на граѓаните, туку кон поправедна распределба на ограничениот паркинг-простор во Центар, каде секојдневно се судираат потребите на жителите, посетителите и деловниот сектор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс