Папата Лав: Иднината на човештвото е сериозно загрозена

За време на посетата на Екваторска Гвинеја, папата Лав предупреди дека војните, рушењето на меѓународното право и борбата за ресурси ја загрозуваат иднината на човештвото.
EPA-EFE/VATICAN MEDIA HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Папата Лав денеска предупреди дека иднината на човештвото е во опасност да биде „трагично загрозена“ доколку не се смени политичкиот курс и доколку државите продолжат да ги поткопуваат институциите и меѓународните договори. Пораката ја испрати за време на посетата на Екваторска Гвинеја, последна станица од неговата африканска турнеја.

Во обраќање пред претседателот Теодоро Обијанг Нгема Мбасого и други политички претставници, папата порача дека Бог не смее да се повикува за да се оправдуваат одлуки и постапки што носат смрт. Тој нагласи дека светото име не смее да се злоупотребува за доминација, ароганција или дискриминација.

Лав во говорот се осврна и на експлоатацијата на нафтените и минералните ресурси, оценувајќи дека токму таквата „колонизација“ на богатствата на Земјата често ги поттикнува крвавите конфликти. Со тоа, неговата порака доби и поширока политичка тежина, надвор од класичниот верски говор.

Ова е уште еден знак дека папата во последните недели настапува со сè поостар тон кога зборува за војните, нееднаквоста и глобалното лидерство. За време на африканската турнеја тој веќе ги осуди авторитарните лидери, злоупотребата на верата и трошењето милијарди на конфликти наместо на образование и здравство.

Неговите настапи доаѓаат и во време на заострени односи со американскиот претседател Доналд Трамп, кој последните денови јавно го критикуваше папата. И покрај тоа, Лав веќе изјави дека нема намера да влегува во лична расправија, туку ќе продолжи да зборува за мирот и за пораката на Евангелието.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни