Search

Панкот не е мртов.

Скопските панкери се колнеа дека никогаш нема да се променат. Потоа станаа хард кор панкери, па алтернативци, а некои и металци. За миг се сторија стрејтери, а што па да не и вегани. Потоа се ангажираа да нѐ разбудат политички, едуцирајќи не дека сите се исти, никој не чини и ништо во ебениов живот не вреди освен евентуално самите тие – нашите непогрешливи рок божества. Се на се, вистински еманципатори, кои така сурфајќи по рабовите на себичноста и омразата, конечно се насукаа на суровиот, шилест брег на чистиот национализам.

Припаѓајќи и самиот на одредени алтернативни кругови, во изминативе децении имав уникатна можност не само да го следам, туку и да бидам точно во епицентарот на овој тажен деклинирачки процес. Сите Панк-рокери и слични друштвени “отпадници“, по правило зафаќаат поза градејќи цврст бунтовнички став кон сенешто, базиран врз силните темели на култен однос кон одреден бенд. За некои тоа беа Sex Pistols, The Ramones, The Clash (мала дигресија за АПЕЛ: ве молам оставете ги Клеш на раат, најмалку од сите заслужуваат да бидат присвојувани од патријархално-фашизоидни-пост-поп-културни нус-продукти и појави)… За други тоа беа Husker Du, Nick Cave, Psychic TV, па дури и Orbital. Сепак, една музичка фигура успеа да го обедини поголемиот дел од непомирливите алтернативци. Ликот и делото на Тома Здравковиќ.

Збунувачки? Попрво би рекол: освестувачки.

Целата рашомонијада поаѓа од тоа како чика Тома е “real deal” персона, која автентично ја трансцедира балканската болка – нашиот локален блуз, во некаква повисока уметничка форма. Потоа следи приказната како им ја поправил гумата на ЕКВ кога им се дупнала на турнеја и им дал да јадат. Тој уникатен психолошки аџилак завршува со квази интелектуален заклучок како чика Тома е нумеро уно фаца на овие простори. Звучи “цакано“ и уверливо за многумина, сепак служи единствено за оправдување на сопственото и општественото насилство и непреземање на одговорност. “Старата Гарда“ заборави, или пак никогаш не сфати, дека да се биде алтернативен не подразбира само поза, туку и завет за развој. Сите тие силни музики, книги, филмови… водат некаде. Мора да водат. А милион проценти сум сигурен дека не водат во кафанчуга со крвави раце од скршени чаши, или домашно насилство. Уште помалку во националистичка конфронтација. Развојот на “поинаквите“ подразбира преземање уникатна одговорност, професионална работа во културниот сектор и се разбира, саможртвување. На кратко: растење и созревање од типот ДА СЕ БИДЕ ТОКМУ ПРОМЕНАТА КОЈА САКАТЕ ДА ЈА ВИДИТЕ ВО ОПШТЕСТВОТО. Дефинитивно не подразбира да се велича булументата која го изгази патот до Турбо фолкот и перпетуалната националистичка војна, како балканска старо-нова нормалност.

Како и сите воени херои, така и господинот Здравковиќ си доби филм. Комерцијално урбанизирање и нормализирање на насилството и севкупната општествена деклинација на овие простори. Тажната приказна за тоа како од алтернативни панк-нов бран-рокери кои се ложат на Шарло Аробата, се трансформиравме во огромен војнички казан, на чиј оган клокоти и боботи гадна турбо фолк манџа. Комплетна еманципација, која со помош на интелектуалното одобрување на “старата гарда“ со брзина на средовековна чума, се распространи помеѓу сите слоеви на населението, совршено вгнездувајќи се во пазувите на умирачката средна класа. Топличко, не? Оскар за Тома. Не, Оскар за сите нас овде на Балканот. Оскар за нашето колективно самоубиство. Бидејќи нашите деца ќе гинат во војните кои доаѓаат. Нивните деца одамна живеат во ЕУ. И во Америка.

Панкот продолжува да живее тука. Таков – НЕмртов, разбеснет и меинстримизиран под НОВО ИМЕ (сега се вика Турбо фолк), жари и пали во плиткото на нашава духовна баричка. Ете, деновиве, со посебен пиетет се најавува уште едно капитално филмско остварување, кој повторно ќе донесе масовен бран на интелектуално и естетско опуштање. Биопик за уште еден херој со детални инструкции за акробации со крвави раце, што од интеракција со кафеанска срча, што поради криминогена егзалтираност. Дами и господа, се гледаме на Недела.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни