Северна Македонија во последните години бележи значителен напредок во воспоставувањето на современ систем за управување со отпадот од пакување, благодарение на инвестициите на приватниот сектор, поддршката од меѓународните партнери и соработката со институциите. Од Пакомак оценуваат дека за овој развој да продолжи неопходно е сите учесници на пазарот да работат под еднакви правила, а институциите да обезбедат стабилна, предвидлива и фер деловна средина.
Во рамки на проектот „Smart Packaging Waste Management (Паметно управување со отпадот од пакување)“, реализиран во партнерство со Швајцарија, во изминатите години се мобилизирани инвестиции од над четири милиони евра за развој на современ систем за управување со отпадот од пакување.
Најновата инвестиција е автоматизиран погон за селекција на отпад од пакување вреден повеќе од два милиони евра, кој ќе има капацитет да го обработува отпадот од Скопје и околните општини, односно речиси половина од територијата на државата. Според Пакомак, со ова ќе се создадат услови за значително повисоки стапки на рециклирање, подобра заштита на животната средина и побрзо усогласување со европските еколошки стандарди.
Од компанијата посочуваат дека овие инвестиции претставуваат долгорочен влог кој не се мери само преку инфраструктурата, туку и преку довербата што ја создава кај компаниите, институциите и граѓаните. Токму затоа, според нив, системот треба да остане стабилен, транспарентен и заснован на еднакви правила за сите.
Во соопштението се наведува дека неодамна на пазарот се појавиле нови колективни постапувачи за управување со отпад од пакување, кои, според Пакомак, настојуваат да освојат клиенти без да покажат дека располагаат со соодветен капацитет за долгорочно исполнување на законските обврски.
„Конкуренцијата е добредојдена кога се базира на инвестиции, квалитет, иновации и исполнување на обврските, но секоја практика што користи нелегални методи, создава нефер пазарни услови и ја поткопува довербата во воспоставениот систем ги загрозува досегашните достигнувања, идните инвестиции и развојот на секторот“, наведуваат од Пакомак.
Компанијата потсетува дека во период кога државата треба дополнително да го забрза усогласувањето со европските стандарди во областа на циркуларната економија, зелената економија и управувањето со отпад, неопходно е институциите да обезбедат континуитет, правна сигурност и еднакви услови за сите пазарни учесници.

Од Пакомак го повикуваат Министерството за животна средина и просторно планирање да продолжи активно да го поддржува развојот на стабилен и одржлив систем за управување со отпадот од пакување преку доследна примена на законската рамка, обезбедување фер конкуренција и заштита на интегритетот на системот.
Во спротивно, предупредуваат, постои ризик да се намали довербата кај компаниите што инвестираат во одржливи решенија, да се забави модернизацијата на секторот и да се доведе во прашање напредокот постигнат во изминатите години.
Пакомак повеќе од 15 години инвестира во развојот на системот за управување со отпадот од пакување преку поставување инфраструктура за селекција, повратни вендинг-машини, едукација на граѓаните и поддршка на домашната индустрија за рециклирање. Во рамки на системот годишно се собираат и рециклираат повеќе од 30.000 тони отпад од пакување, а само во текот на 2025 година преку повратните вендинг-машини биле собрани повеќе од 18 милиони пластични шишиња и лименки.
Од компанијата порачуваат дека овие резултати покажуваат оти долгорочните инвестиции, партнерствата и доследната примена на правилата носат конкретни придобивки за животната средина, економијата и граѓаните, испраќајќи ја пораката: „Селектирај иднина, селектирај отпад“.